
Димитриеска-Кочоска: Внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила
Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со комплексен предизвик на балансирање меѓу потребата од консолидација и потребата од развој. Затоа е неопходно внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќање на стручната расправа на тема „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“, што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите, во организација на Фискалниот совет.
Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со комплексен предизвик на балансирање меѓу потребата од консолидација и потребата од развој. Затоа е неопходно внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила – порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќање на стручната расправа на тема „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“, што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите, во организација на Фискалниот совет.

Расправата се одвива во пресрет на усвојувањето на фискална стратегија за периодот 2027 – 2031 година, која е клучна рамка за среднорочно управување со јавните финансии. Оваа стратегија, посочи министерката, е резултат на јасна определба за одговорно и дисциплинирано управување со јавните средства во услови на зголемени глобални ризици, енергетска нестабилност и потреба од зачувување на макроекономската стабилност. Има цел да обезбеди стабилен и предвидлив фискален пат, без да се нарушат економската активност и социјалната сигурност на граѓаните.
Со фискалната стратегија се предвидува постепено намалување на буџетскиот дефицит од 3,5 проценти од БДП во 2027 година на 3 проценти во 2028 година, а потоа на 2,8 проценти во 2029 година, ниво што се задржува и во 2030 и 2031 година. Ова, според министерката, претставува јасен сигнал за постепена фискална консолидација и усогласување со европските фискални стандарди, како и за зајакнување на кредибилитетот на фискалната политика.
Во насока на постигнување на овие цели, Димитриеска-Кочоска најави дека Владата ќе спроведува континуирани мерки и на приходната и на расходната страна на буџетот, со цел да се обезбеди одржливост, ефикасност и поголема транспарентност во управувањето со јавните финансии.
– Особено внимание се посветува на зајакнување на наплатата на буџетските приходи преку системски мерки за намалување на сивата економија и подобрување на даночната дисциплина, а се работи на рационализација на расходната страна преку намалување на несуштинските трошоци кај буџетските корисници, со цел јавните средства да се насочат кон политики и проекти со најголем јавен интерес и развоен ефект. Политиките за плати и пензии ќе се водат на начин кој обезбедува зачувување на нивната реална вредност. Стриктната примена и контролата на Законот за јавните набавки треба да обезбеди повисок степен на транспарентност и значајни заштеди на јавни средства – рече министерката за финансии истакнувајќи дека паралелно со ова се унапредуваат процесите на планирање и реализација на капиталните инвестиции, кои ќе се приоритизираат според нивната подготвеност и според нивниот придонес кон економскиот раст и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Во обраќањето на расправата министерката исатакна дека фискалните правила не се само техничка рамка, туку суштински инструмент за обезбедување на стабилност, доверба и предвидливост во економската политика, како и дека нивната доследна примена претставува основа за одржлива фискална политика и за долгорочна економска стабилност.
– Во таа насока, улогата на Фискалниот совет е од исклучително значење. Преку својата независна анализа на фискалните претпоставки, ризици и политики тој придонесува кон навремено препознавање на предизвиците и зајакнување на фискалната дисциплина. Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со комплексен предизвик на балансирање меѓу потребата од консолидација и потребата од развој. Затоа е неопходно внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила. Верувам дека преку ваков вид дијалог, преку стручна размена на мислења и заедничка работа, можеме да изградиме поотпорен, постабилен и поефикасен систем на јавни финансии – рече министерката за финансии.

Расправата продолжи со презентации на темите: „Ефикасност на јавната потрошувачка на РСМ (Капитални расходи и земјоделски субвенции)“, „Одржливост на јавниот долг и фискалната политика“, „Институционална поставеност и фискална одговорност и „Дали фискалните правила ги подобруваат фискалните биланси?“