(ВИДЕО) Трилинг: Ќе се врати ли Груевски дома или ќе бара ново прибежиште?

➡Дали унгарскиот премиер Маѓар ќе му откаже гостопримството на екс премиерот Груевски? ➡Ќе биде ли бегалецот од Будимпешта екстрадиран или поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе најде ново засолниште? ➡Дали предлог Законот за високо образование е согласно барањата на научната фела и потребите на студентите? ➡Дали битката за иден ректор на УКИМ се заснова на визија и подобар концепт или во прибирање симпатии кај политичкото водство? „Ништо нормално“ нова збирка раскази на писателката Симона Јованоска. ➡Вечерва во „Трилинг“ со новинарите Слободанка Јовановска и Љупчо Златев, Билјана Ангелова ректор на УКИМ и писателката Симона Јованоска.

Дали унгарскиот премиер Маѓар ќе му откаже гостопримството на екс премиерот Груевски? Ќе биде ли бегалецот од Будимпешта екстрадиран или поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе најде ново засолниште? Дали предлог Законот за високо образование е согласно барањата на научната фела и потребите на студентите? Дали битката за иден ректор на УКИМ се заснова на визија и подобар концепт или во прибирање симпатии кај политичкото водство? „Ништо нормално“ нова збирка раскази на писателката Симона Јованоска.

Вечерва во „Трилинг“ разговараме со новинарите Слободанка Јовановска и Љупчо Златев, Билјана Ангелова ректор на УКИМ и писателката Симона Јованоска.

Фото: Трилинг / Слободанка Јовановска

„Мислам дека допрва ќе видиме во кој правец ќе се движи Унгарија. Реално политиките и предизборните ветувања што Петер Маѓар ги најави се познати. Очекувам дека ќе има голем пресврт, бидејќи гласачите пратија силна порака на изборите. Јасно е дека во Унгарија луѓето сакаат промена, од досегашната политика што ја водеше Орбан, којашто значеше некој вид изолација и некој вид политика спротивна на онаа што постои во моментов во ЕУ“, вели за „Трилинг“, новинарката на Независен, Слободанка Јовановска.

„Сметам дека и тој ја сфати таа задача што му ја дадоа граѓаните и дека реално, без оглед што потекнува од партијата на Орбан, што е поранешен член на ФИДЕС, што на некој начин ставовите му се конзервативни, мислам дека он сфати дека негова политичка шанса е да раскрсти со тоа што досега се случуваше во Унгарија. Така што мислам дека он повеќе ќе биде склон да гледа кон Брисел, бидејќи во моментов она што е најважно за Унгарија е да ги добие парите коишто се замрзнати поради реформите што Орбан не ги направи.

-Втората работа ќе му биде да раскрсти во надворешната политика во однос на Украина, во однос на политиката на десничарските партии што се протегаат од САД до Германија, бидејќи ќе сака да покаже дека се разликува од досегашниот премиер“, смета Јовановска.

Осврнувајќи се околу тоа дали е ова победа на проевропски ориентираниот Маѓар, наспроти прорускиот досегашен премиер Орбан, Јовановска вели дека она што беше одлучувачко за унгарските граѓани кога гласаа за Петер Маѓар не беше надворешната политика, не беше Путин, иако во голема мерка он ја водеше кампањата на таа карта, туку во најголема мерка надвладеа внатрешната состојба во Унгарија.

„Унгарците платија голема цена за таа изолационистичка политика на Орбан и едноставно се заморија со фактот да бидат „црни овци“ во Европската унија. Орбан играше на картата на про – Русија, играше исто така на картата анти – Киев, но сметам дека тоа му беше најголемата грешка и можеби една од основните причини поради кои што ги изгуби изборите. Мојата анализа беше дека Орбан нема што да им понуди веќе на гласачите. Он е толку истрошен после 16 години на власт, што едноставно нема внатрешно прашање што може да го отвори и што некој во Унгарија ќе му поверува, и затоа мораше да се ориентира кон теми што се надвор од Унгарија и на некој начин играше со националистичките чувства во земјата. Мислам дека тие 16 години на пропаганда во Унгарија, анти – украинска пропаганда, анти – ЕУ, имаат оставено некои корени, и тоа ќе биде тешка задача да се расчисти, да се профилира јавното мислење и да се профилираат граѓаните во друг правец“, вели Јовановска.

Фото: Трилинг / Слободанка Јовановска

Говорејќи околу тоа дали македонската владејачка гарнитура е изненадена од изборниот исход во Унгарија, Јовановска вели дека не се изненадени и тоа се видело при последната посета на премиерот на Будимпешта.

„Реално, македонската делегација отпатува во Унгарија за да даде поддршка на Орбан пред изборите, меѓутоа таа поддршка беше толку дискретно дадена и толку беше спакувана во некоја друга форма – како меѓувладина соработка, што говореше дека на Мицкоски му е јасно дека Орбан нема да победи и дека за него е личен ризик, односно ќе биде политички пораз ако јавно излезе на сцена како Џ.Д Венс и го поддржи Орбан. Никој не веруваше во таа приказна, дури и Венс изјави дека не верувал дека ќе победи. Така што мисла дека во владата одамна се подготвени и соочени со фактот дека Орбан на овие избори нема да добие, и мислам дека за оваа ситуација веќе имаат подготвено сценарио“, вели Јовановска.

Фото: Трилинг / Слободанка Јовановска

Осврнувајќи се на пораката од Петер Маѓар дека Унгарија нема да биде меѓународно засолниште за криминалците, Јовановска смета дека таа порака е очекувана.

„Маѓар сака да расчисти со целата политика на Орбан. Во рамките на таа политика спаѓа и азилот на Груевски, што беше актуелна тема во Унгарија. Пишуваа за тоа многу медиуми.

-Има две сценарија. Сите ние не можеме да предвидиме што точно ќе се се случи. Едното сценарио е дека Груевски ќе си најде нова дестинација, а второто сценарио, ако веќе дојде во Македонија, ако биде испорачан, јас мислам дека низ правниот лавиринт ќе биде ослободен“, вели новинарката Слободанка Јовановска.

„Груевски со новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ е ограничен. Никој во партијата не може да биде повеќе од два пати премиер. Втората работа, јас мислам дека главната цел на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде како он да се амнестира, едноставно да се ослободи од обвиненијата и дека они ќе бидат фокусирани на тоа. Дури и да покаже политичка амбиција Груевски, ние мора да сме свесни дека времето не стои, се сменија околностите, призмата низ којашто сега го гледаме Груевски не е иста како пред 2017-та година.

-Едноставно тој нема што веќе да понуди на граѓаните во Македонија и не знам кој граѓанин ќе гласа за некого што е на црна листа на САД. Мислам дека неговите политички шанси се многу мали, смета Јовановска.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

„Унгарија ќе се движи во еден правец во кој за многу работи веќе се движи, но се очекува приближување кон европските политики, односно поголема усогласеност на официјална Будимпешта со политиките на официјален Брисел“, вели во „Трилинг“, главниот уредник на „Лидер“, новинарот Љупчо Златев.

Прашан дали ова значи дека изборниот резултат е всушност победа на проевропската ориентација наспроти проруската, Златев вели дека Орбан, барем за внатрешна употреба, никогаш немал проруски политики.

„Политиките на Виктор Орбан беа првенствено дека ние смееме и ние треба и мораме да правиме бизнис со Русија. Проруската политика на Виктор Орбан не беше идеолошка. Проруската политика на Орбан беше исклучиво од делот на политичката економија, односно делот на меѓународната трговија. Неговиот концепт за функционирање на Унгарија како европска нација е ист со концептот на Петер Маѓар, кој практично доаѓа од неговата политичка партија. Така што европска или руска Унгарија никогаш не беше тема, и верувам дека и сега не е тема, иако многумина, особено новата власт во Унгарија сака така да го портретира, но работите не изгледаат баш така“, смета Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

Осврнувајќи се на тоа дали со падот на Орбан всушност паѓа и чадорот и влијанието врз Балканот, и руското мешање во регионот, Златев вели дека Русија никогаш не ги користела унгарските канали за влијание во регионот. Сосем спротивно, Русија секогаш се обидувала и создавала свои канали, затоа што Унгарија никогаш не била прокси на Русија во однос на балканскиот регион. Унгарија себеси се доживува, јас сум го запознал и во 2016-та сум го сретнал Петер Маѓар, и можам да ви кажам дека од секогаш Унгарија се доживувала себеси како регионална сила. Тоа е оној сентимент оставен од австро-унгарската империја. И тие секогаш, дали зборуваме за влијанието во телекомот, влијанието во аквизиција на одредени медиуми, влијанието во политиката, во кредитни договори кои ги има и со Македонија, договори за стратешко партнерство кои ги има и со Хрватска и со Македонија, Србија, Словенија, секога се доживувале себеси како регионална сила, и никогаш не делувала како прокси на Русија, и не може да го гледаме тоа дека сега Русија ќе добие или изгуби, или западот ќе добие или ќе изгуби.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

„Поддршката на Доналд Трамп на Орбан му делуваше токсично на овие избори, затоа што очигледно дека сентиментот во Европа, особено по почетокот на конфликтот со Иран, е прилично анти Трамп, и практично Орбан изгуби дел од поддршката најмногу затоа што беше сервилен на двоецот Трамп – Нетанјаху, и што буквално делуваше спротивно од ставовите на огромен дел од популацијата на Унгарија. Она што ќе остане јасно после овие избори е дека Орбан погреши кога мислеше дека поради меѓународната поддршка ќе ги добие изборите. На крај излезе дека поддршката можете да ја добиете или да ја изгубите единствено од граѓаните. И Трамп не само што не му помогна, па беше таму и потпретседателот на САД, Венс, туку му одмогна во неговото претставување пред унгарскиот народ како автентичен борец за интересите на Унгарија и Унгарците“, смета Златев.

Фото: Трилинг / Љупчо Златев

Говорејќи околу пораката од Петер Маѓар дека Унгарија нема да биде меѓународно засолниште за криминалците, Златев вели дека тоа е процес и ако се земат законските прописи во Унгарија, тоа ќе биде многу тешка мисија, доколку сака да го испорача назад Никола Груевски, затоа што тој веќе има добиено азил за одреден случај.

„Има законски процедури и права кои ги добива секој кој добил азил. Меѓудругото сметам дека Груевски веќе има добиено и унгарско државјанство, и не знам дали има договори за екстрадиција, но тоа сепак е една законска процедура која не трае ни еден месец, ни три месеци, а ни шест месеци, па и ни година дена.

-Доколку има политичка волја може и да го екстрадираат, иако не верувам дека тоа сега ќе му биде еден од приоритетите на Маѓар. Тој има многу позначајни работи да реши во првите месеци од неговото владеење. А доколку го испорача, изјавата на македонскиот премиер беше јасна – дека ние сме подготвени да го пречекаме и да го упатиме Груевски таму кадешто му е местото, и доколку сака Петар Маѓар да му направи огромна услуга на Мицкоски, сметам дека тој би го испорачал Никола Груевски, затоа што така и последниот товар кој го има ВМРО-ДПМНЕ од минатото, тие би го расчистиле, вели Златев.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

„Насловот на романот ‘Ништо нормално’ ми дојде спонтано, еден убав ден кога размислував како би можело да се вика оваа збирка и што е она заедничко, како заедничка нишка за расказите. Кога размислував за терминот ‘Нормално’ тргнував од различни перспективи. ‘Нормалното’ е очекувано и прифатливо за да функционира едно општество, по однапред определени теркови коишто ни даваат чувство на стабилност, на сигурност и предвидливост.

-Меѓутоа, од друга страна, наидов на размислување дека ‘нормалното’ многу пати може да делува ограничувачки и дека е индивидуално и различно за секој човек. Така што кога зборуваме што е нормално, а што не е, треба да тргнеме пред се со прашањето – во однос на што, во однос на кој, на кого, кој го одредува и да бидеме малку поотворени пред да етикетираме и да обележиме нешто како нормално или како ненормално, се со цел да го стигматизираме, да го подложиме на дискриминација. Значи како еден вид на критика или апел да бидеме поотворени кон она што е нормално, ненормално и различно, вели во „Трилинг“ писателката Симона Јованоска.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

„Лично верувам дека без разлика во каква и да се состојба нештата во моментот, секогаш може да им се пристапи од различен аспект и перспектива, со цел да се подобрат. Така што луѓето коишто ќе ја читаат оваа збирка и расказите, можат пред сѐ, и би сакала, во себе си да пронајдат што е она што за нив е нормално, што е она што нив ги кочи од намерата да стигнат таму каде што се предодредени, а понатака кога секој човек којшто тргнува од себе и којшто стигнува на некое убаво место во себе си, е способен истото да го пренесе и надвор, затоа што ако индивидуата не е задоволна, среќна, и ако е фрустрирана таму каде што се наоѓа, не може да биде ни добар граѓанин, ни добар сосед, ни добар партнер, колега и пријател и тн.

-Така што испраќам апел, којшто го оставам на слободно толкување на сите што ќе го читаат, иако би сакала тоа да биде едно општо преиспитување на нормалноста“, вели Јованоска и додава дека како и повеќето граѓани на нашата држава, неа ја мачат пред сѐ локалните предизвици со коишто се соочуваме.

„Нечистотијата, нерешените еколошки прашања ме мачат, ме мачи притисокот на вештачката интелигенција врз работните места и неизвесната иднина по тој основ. Исто така, како жител на светот ме мачат и глобалните прашања, војните кои се случуваат на нашиот континент и на Блискиот Исток. Ме мачи корупцијата, организираниот криминал и една т.н апатија којашто се раѓа кај младите, коишто се помалку веруваат во системот, се помалку се „замараат“ за политика и следствено на тоа се повеќе се отселуваат“, вели Јованоска.

Околу нејзината изјава дека „отстапките од нормалното го трасираат патот кон промените“, Јованоска вели дека тоа го кажува во контекст дека ако постојано правиме една иста работа, постојано ги повторуваме истите грешки, по природа на нештата станале веќе нормални, не можеме да очекуваме дека со истото однесување може да се случи промена.

„Промената доаѓа тогаш кога ќе го смениш твоето однесување. Пред сѐ треба да се роди во тебе, да се смени некаков став, навика, стереотип, предрасуда, да се отвориме кон нешто ново, да се затвориме кон нешто што не функционирало, а понатака да го спроведеме како акција на дело.

-Значи отстапките од она на коешто сме навикнати постојано да го правиме, или се очекува од нас, го трасираат патот кон промените. Не можеш да очекуваш дека ќе има промена ако постојано се однесуваш исто“, смета Јованоска и додава дека за жал луѓето, не само тука, туку и пошироко учат само откако ќе се случи нешто лошо и тоа го учат во моментот кога ги надвладува и ги обзема колективна болка и траума.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

Говорејќи за иселувањето кое долги години е рак рана во Македонија и како лично како уметник ја доживува „белата чума“ и дали е подобро човек да се жртвува и да биде свој на своето – да остане дома или да си ја побара перспективата во странство, Јованоска вели дека веќе не ни постои човек којшто нема некој свој којшто му е отселен.

„Сите сме свесни што се случува. Искрено јас мислам дека секој човек треба да си ја побара својата среќа таму каде што мисли дека го чека. Ако не е задоволен од местото каде што живее или доколку мисли дека некаде надвор може да биде дочекан подобро, треба да си се проба. Треба да се водиме пред сѐ од остварување на личните цели, а дури понатака да ги гледаме целите на татковината, особено кога државата не те наградува и не те стимулира да останеш тука“, вели Јованоска.

Писателката Јованоска смета дека уметникот секогаш бил колекционер на актуелната состојба и време и место во коешто живее, ги рафинира собраните информации и откако ги рафинира низ неговиот личен филтер, ги пласира во јавноста повторно, за да не бидат заборавени, да потсетува, да апелира, да поттикнува.

„Така што сметам дека уметноста е еден вид на катализатор кој оди од народот и повторно се враќа кај народот“.

Прашана дали се почитува, слуша гласот на писателот, Јованоска вели дека нема таков впечаток, затоа што по основ на разни прашања, теми коишто се значајни за колективот, за државата, писателите не се повикани да бидат консултирани, да биде земено предвид нивното мислење.

„Писателот го губи статусот што го имал некогаш. Веројатно тоа е резултат на негрижа од страна на државата или резултат на времето во кое живееме“, додава Јованоска.

Таа смета дека политиката на државата којашто ние самите ја одредуваме со правото на глас, треба да работи на политички програми коишто се во интерес на граѓаните.

„Книжевноста може да претставува само еден вид на личен излез на поединецот во моменти кога има слободно време, да одвои дел од својот буџет и дел од своето слободно време, да прочита некоја книга и да доживее нешто лично. Меѓутоа, во пошироката слика, на крајот последниот збор, односно последниот клуч за отворање на вратата кон излезот, мора да дојде од власта, вели Јованоска.

Фото: Трилинг / Билјана Ангелова

„Законот за високо образование беше излезен на ЕНЕР крајот на јануари оваа година и навистина предизвика големо внимание, што е и логично, бидејќи ја дава стратешката рамка на делување на универзитетите во високото образование. Практично се работи за пакет од три закони – законот за високо образование, квалитет во високото образование и законот за научно-истражувачка дејност.

-Нашиот универзитет секогаш имал експлицитни ставови по битни стратешки прашања, а ова е едно од најважните за нас, па затоа во една инклузивна постапка каде што беа вклучени сите факултети и институти го ставивме законот на јавна расправа. Сите наши заклучоци ги сублимиравме, се донесоа одлуките на ректорска, на Сенат и потоа беа доставени до Министерството за образование и наука. Меѓутоа она што е важно и сакам да го напоменам е дека имавме јавна дебата, иницирана од страна на министерката за образование и наука, којашто со трпение и внимателно ги слушна сите ставови и заклучоци.

-Онаа верзија којашто во моментов е на ЕНЕР, можам да кажам дека во целост ги рефлектира барањата на универзитетот. Она што ние побаравме како универзитет е речиси целосно имплементирано во она што го гледаме како последно законско решение на ЕНЕР“, изјави во „Трилинг“ ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, говорејќи околу предлог законот за високо образование кој веќе влегува во завршна фаза и дали истиот оди во вистинска насока, иако имаше лавина на реакции од колегите од останатите факултети.

Фото: Трилинг / Билјана Ангелова

Прашана дали тоа значи дека сите критики кои беа потенцирани во изминатиов период се надминати, Ангелова одговара потврдно.

„Надминати се. Она што прво сакам да потенцирам е дека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ никогаш немаше дебата или реакција на зголемените критериуми за избори и реизбори за звања. И тука ги гледаме повеќе реформските аспекти на овој закон, затоа што дефинитивно со овие критериуми ќе ни се зголеми интернационалната видливост, ќе ни се одобри и рангот на меѓународните сервиси за рангирање, затоа што со овие зголемени критериуми ќе се наметне да се зголеми публицистичката дејност кај наставниците, а тоа е клучен критериум за да се најдеме на овие меѓународни сервиси за рангирање.

-Исто така има голема флексибилност кај законот, односно има одложена примена на овие критериуми, така што сите професори, односно наставници кои се затекнати во определени звања и ќе одат во нареден избор, првиот нареден избор којшто сега ќе им следува ќе биде извршен по постојните критериуми, а потоа наредните избори ќе одат по новите критериуми што ги протежира новиот закон за високо образование. Освен базите на „Web of Science“, инсистиравме како универзитет да бидат отворени особено за хуманистичките науки, базите на „Scopus“. Тоа е сега овозможено. Комплетно се внесени критериумите што ги баравме за избор и реизбор на наставниците на уметничките факултети. Така што во тој сегмент нашите барања се целосно задоволени.

Фото: Трилинг / Билјана Ангелова

Прашана зошто Македонија и натаму е далеку од „Шангајската листа“, Ангелова вели дека тоа е така заради тоа што нема доволно наука.

„Значи потребно е наука за да има и квалитетно високо образование. Потребни се истражувања и потребно е објавување на трудови. Не доволно се објавуваат трудови. Ние имаме статистика направено дека потребно е да објавиме три пати повеќе од она што сега го објавуваме за да се најдеме на ‘Шангајската листа’. Една од мерките за да се најдеме на листата, дефинитивно е опфатена со законот. Со зајакнување на критериумите за избори во звања, каде што се бараат повеќе трудови објавени на ‘Web of Science’, дефинитивно ќе се одрази. Во догледно време тоа ќе рефлектира подобрување на рангот на интернационалните ранг листи“, смета Ангелова.

Погледнете го новото издание на магазинот „Трилинг“.