Екс претседателката на ДКСК не признава вина: Не се чувствувам виновна

Таа рече дека не се чувствува виновна ниту дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот после кој таа добила сертификат со највисок степен на доверливост „државна тајна“.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, која е обвинета дека оддала службена тајна на обвинетиот во случајот „Адитив“ Небојша Стојановиќ, денеска во судница се изјасни за невина. Таа рече дека не се чувствува виновна ниту дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот после кој таа добила сертификат со највисок степен на доверливост „државна тајна“. Судењето продолжува со изведување на докази.

Татјана Димитровска си даде оставка од функцијата претседател на Антикорупциската комисија откако Јавното обвинителство против неа поднесе обвинителен предлог за оддавање службена тајна и за компјутерски фалсификат. Истрагата почна откако беше анализирана телефонската комуникација на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и обвинет во случајот „Адитив“.

Според обвинението, Димитровска, преку апликации му давала на Стојановиќ доверливи податоци за поведени постапки, отворање предмети против правни и физички лица, службени белешки, како и информации за проверка на имотната состојба на обвинетиот и неговото семејство.

Дополнително, Димитровска се гони и за тоа што му ги дала логовите на нејзин колега ревизор за да полага во нејзино име за сертификат за класифицирани информации.