
Мицкоски: Груевски е правосилно осуден и треба да ја одлежи казната
Екс претседателот на Владата, Никола Груевски, е осуден од страна на судските органи во земјава и ние како Влада мора тоа да го почитуваме, вели премиерот Христијан Мицкоски на прашање што и како ќе биде преземено доколку Никола Груевски се врати во земјава.
Екс претседателот на Владата, Никола Груевски, е осуден од страна на судските органи во земјава и ние како Влада мора тоа да го почитуваме, вели премиерот Христијан Мицкоски на прашање што и како ќе биде преземено доколку Никола Груевски се врати во земјава.
Во однос на прашањето за евентуалната екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, за која Маѓар претходно даде најави, Мицкоски појасни дека тоа е прашање на унгарската влада и македонските правосудни органи. Мицкоски потсети на претходните процедури поврзани со овој случај, како и тоа дека барањето беше одбиено од страна на унгарските власти во 2019 година.
„Доколку Груевски се појави во Македонија, органите на редот веднаш ќе го упатат на отслужување на затворската казна“, порача тој.
„Што се однесува до специфичните политики поврзани со експремиерот Груевски, тие се одлука на унгарската влада. За дополнителни информации во врска со барањата за екстрадиција надлежно е Министерството за правда,“ изјави Мицкоски, потенцирајќи ја поделбата на надлежностите помеѓу неговата функција како премиер и ресорното министерство.
Тој ја коментираше изборната победа на Петар Маѓар во Унгарија и ги сподели своите очекувања за идната соработка. Притоа, упати честитки до Маѓар, истакнувајќи дека иако претходно имале блиска соработка со Виктор Орбан, граѓаните на Унгарија јасно ја дале поддршката за новиот лидер.
Премиерот истакна дека очекува новата унгарска влада да продолжи во насока на зајакнување на европските вредности, како водење на проевропски и проинтегративни политики, силна поддршка за членството на земјите од регионот во Европската Унија и продолжување на стратешкото партнерство со Македонија на патот кон ЕУ.