
Празничниот продолжен викенд направи гужви на граничните премини за излез од државата. Најголем метеж има на премините кон Србија и Грција.
Како што денеска соопштија од Министерството за внатрешни работи, над 16 илјади македонски државјани од вчера до денеска на пладне ја напуштиле државата преку граничните премини „Табановце“ и „Богородица“.
На граничниот премин „Богородица“, во периодот од 9 април во 12 часот до 10 април во 12 часот, во државата влегле 1.394 македонски државјани, додека излегле 6.864. Во истиот период, влез оствариле 4.753 странски државјани, а 5.070 ја напуштиле државата.
Поголема е гужвата на граничниот премин „Табановце“, каде од вчера на пладне до денеска влез во државата оствариле 3.158 македонски државјани, а излез 9.150. Кај странските државјани, 7.360 влегле, додека 5.449 ја напуштиле државата.
На преминот „Дојран“, регистрирани се 241 влез и 546 излези на македонски државјани, додека кај странците 1.212 влегле, а 1.114 излегле од државата.
На граничниот премин „Меџитлија“, влез во државата оствариле 129 македонски државјани, а излез 832. Кај странските државјани, 3.347 влегле, додека 3.038 ја напуштиле државата.