(ВИДЕО) Велков: Пазарот на труд се менува побрзо од човечкиот капитал – потребна е итна ревизија

➡Мора да разбереме дека се појави инфлација во целиот свет и да разбереме дека ова е светски тренд, но и ние сме затекнати од сето тоа што се случува. ➡Плашејќи се дали ќе имаат луѓе, неприродни понуди се даваа коишто македонскиот бизнис не може да ги издржи. ➡Индустриите ја менуваат и својата технологија и од сите извештаи што доаѓаат, многу работни места ќе ја изгубат смислата на тоа што го имале до сега и треба да се појават нови компетенции. ➡Знаеме дека вештачката интелигенција доаѓа, и знаме дека треба да направи некаде околу 85 милиони работни места, а 120 милиони треба да се изгубат. ➡На младите не им сметаат толку тука условите, туку авантура е во прашање. ➡Целта на самата вештачка интелигенција во принцип е да ни го олесни животот, но секако дека има и теории кои не звучат добро и навистина имаме страв сите. Луѓето не се спремни за ВИ. Прашање е што ќе прават тие што нема да се прилагодат, тие милиони работни места. ➡Пребрзо се смени пазарот на труд и пребрзо светот се промени. Затоа кажав дека имаме смена на генерации и смена на технологии во моментов“, вели Велков.

„Мора да разбереме дека се појави инфлација во целиот свет и да разбереме дека ова е светски тренд, но и ние сме затекнати од сето тоа што се случува. Инфлацијата во целиот свет направи притисок кај сите нас. Гледаме дека има поскапување на цени и секоја држава различно се снаоѓа“, изјави во „Трилинг“ Дарко Велков од „Вработување HR Solutions“ говорејќи за податокот дека од една страна имаме недостиг на работна сила, а од друга страна луѓето бараат зголемување на платите.

Фото: Трилинг / Дарко Велков

„Треба да ги задржиме најдобрите луѓе и веројатно да почекаме да се стабилизира малку кризата, иако лично чувствувам дека веќе има подобрување во однос на ланската и прекланската година, бидејќи тој тренд беше навистина многу страшен и беше како домино ефект. Плашејќи се дали ќе имаат луѓе, неприродни понуди се даваа коишто македонскиот бизнис не може да ги издржи, а од друга страна луѓето навистина имаат стварно големи притисоци со ценовните шокови. Оваа година малку е подобро и треба да направиме ревизија на тоа што се случи и треба да размислиме за еден петгодишен или десетгодишен план, како да ги задржиме луѓето и како луѓето да ги задржат компаниите, не е само едната страна. Во денешно време да има некој да работи во стабилна компанија навистина е многу битна работа. Во ова време – невреме јас би сакал да ги пофалам претприемачите бидејќи стварно тешко се плива. Не е баш лесно“, смета Велков.

Фото: Трилинг / Дарко Велков

Осврнувајќи се на феноменот дека од една страна се намалува невработеноста, но се намалува и бројот на вработени, Велков вели дека има повеќе фактори кои влијаат на ваквата ситуација.

„Не е само инфлацијата, може да биде и сезоналитет, може да е смена на генерации. Ова е нешто што навистина треба да се разгледува многу брзо. И вештачката интелигенција е тука како еден од факторите и ако сите ги разгледаме ќе излезе одговорот. Но мора да се напомене дека во одредени сезони некогаш има голем недостаток, а некогаш нема проблем. На пример, ние како Агенција немаме проблем со кандидати. Од наш аспект гледано ние навистина немаме проблем со кандидати и секогаш имаме добар кандидат за некое работно место, но генерално, според мене, самите индустрии ја менуваат и својата технологија и од сите извештаи што доаѓаат, многу работни места ќе ја изгубат смислата на тоа што го имале до сега и треба да се појават нови компетенции“, вели Велков.

Фото: Трилинг / Дарко Велков

Човечкиот капитал преспоро се прилагодува на новите движења, оценува Велков.

„Знаеме дека вештачката интелигенција доаѓа, и знаме дека треба да направи некаде околу 85 милиони работни места, а 120 милиони треба да се изгубат. Ќе ви кажам еден пример: Порано имаше телеграф и телефонија, денеска го нема тоа. Луѓето со тие компетенции би требало да се пренаменат во сосема друга индустрија. Јас тука гледам, за жал, многу фактори зошто ние сме малку неспремни. Луѓето треба да имаат брзи, кратки курсеви со коишто ќе се обучат за премин. Не знам дали знаете дека најголем дел од луѓето над 55 години воопшто немаат ни желба да бараат работа, а ги има на список. Можеби треба да се работи со нив. Треба да се убедат дека они се луѓе коишто изградиле држава. Се што гледаме околу нас тие генерации го направиле. Гревот е да ги изгубиме, и мора да се работи со тие категории на луѓе, да добијат некакви компетенции коишто може да помогнат во денешните технологии. Но за жал тука сме слаби. Од новите генерации скоро никој повеќе не сака да работи тешка индустрија. Сите сакаат на лаптоп да биде и да биде некаква канцелариска работа.

-Но имаме ние и земјоделие, имаме и градежништво, имаме и рударство, имаме и сериозни гранки коишто мора да имаат нови генерации на луѓе. Значи ние мора да се подмладуваме, а новите технологии си бараат тоа што си бараат. И затоа велам дека тука имаме еден дисбаланс. Исто така, не знам дали е познато, колку жени има домаќинки коишто се водат на списокот, ама они немаат желба да работат. И треба да работиме со тие категории на луѓе. За жал ги немаме на пазарот на трудот, вели Велков.

Фото: Трилинг / Дарко Велков

Говорејќи околу податоците кои покажуваат дека се намалува и населението кое е активно на пазарот на труд и стапката на активно население во вториот квартал падна на 52,5% и дали е ова можеби некаков индикатор пред се дека младите не сакаат било каде, било што и за било кој износ да работат, Велков како пример посочува дека многу млади во моментов сакаат и аутсорс да работат.

„Работат за проекти. Некои имаат фирми, некои немаат фирми. Во моментов тоа веројатно се случува. Се сменија навиките. IT индустријата направи 20.000 млади луѓе коишто навистина повлекоа многу инвестиции во оваа држава. Купија станови, купија коли, прават многу добра додадена вредност, но негативната страна е тоа што они сакаат од дома да работат на проекти. Тоа значи дека се менува и нашето општество. Што е тоа што ја прави разликата, не би знаел, но според мене тоа е еден од факторите кој можеби не е драматичен и најбитен, меѓутоа е еден од факторите“, вели Велков.

Фото: Трилинг / Дарко Велков

Прашан што ги брка од кај нас квалификуваните кадри, Велков вели дека има разговарано и со помлади, но и со постари луѓе и различни фактори се во прашање.

„На младите не им сметаат толку тука условите, туку авантура е во прашање. Сакаат да видат како е надвор, бидејќи интернетот си го направи тоа што си го направи. Вие во сегашно време за две секунди може да видите како е да се живее во Финска, како е да се биде на било која плажа во светов, и се е транспарентно и достапно. Тоа многу ги смени работите. Така што авантурата е еден од факторите што младите ја сакаат. Второ е што немаат пристап до компаниите на начинот на којшто треба да имаат. Првото работно место треба да е кај нас, а не надвор. Тоа е наша грешка.

-Се радувам што направија закон во одредени индустрии, меѓу кои угостителство, земјоделие и слично, да може младите од 15, 16 години да дојдат. Никој не разбира дека кога ќе се направи некаква релација со некој господин од одредена фирма, таа релација останува, и најчесто менторска е. Тука ја грешиме целата работа. Значи младите ни бараат – дајте да работиме летно време, но компаниите не сакаат само за три месеци да вработат некого, бидејќи навистина им се екстра трошоци и не можат да издржат. Е сега ние кога би им дале прв пристап да биде во некоја македонска компанија, јас сум убеден дека добар дел од тие деца ќе сакаат да останат, бидејќи веќе имаат свој круг. Нема да им биде толку далечно и туѓо“, смета Велков.

Осврнувајќи се на вештачката интелигенција (ВИ) и дали истата би предизвикала затворање на одредени професии, намалување на бројот на кадри, Велков вели дека ова е дебата која цел свет ја дискутира, односно колку ВИ помогне, а колку ќе одмогне.

„Целта на самата вештачка интелигенција во принцип е да ни го олесни животот, но секако дека има и теории кои не звучат добро и навистина имаме страв сите, дури и јас имам страв. Мислам дека пребргу се случува, а луѓето не се спремни за ВИ. Прашање е што ќе прават тие што нема да се прилагодат, тие милиони работни места. Мислам дека ќе има голем ефект. Еве да земеме од автоиндустријата, такси индустријата. Ако земе во вид дека за 10 години ќе имаме такси без шофер, цела една работна професија можеби нема да има – возач на такси возило. Тоа истото може да се мултиплицира и во камионите коишто се автономни. Во моментов во Кина има т.н темни фабрики, каде што нема вработени, туку се е автоматизирано и нема ни светло. И ако побарате на интернет ќе видите дека тоа се огромни, мегалофабрики, коишто немаат светло и нема вработени. Но не секоја индустрија тоа го може, и не секоја ќе може да биде заменета со вештачката интелигенција.

-Јас сум убеден дека како што ќе се развијат нови, така ќе се појават па и нови потреби, а луѓето коишто ги немаат компетенциите коишто во моментов ги бара пазарот, на нив дефинитивно ќе им биде потешко. Значи пребрзо се смени пазарот на труд и пребрзо светот се промени. Затоа кажав дека имаме смена на генерации и смена на технологии во моментов“, додава Велков.

Целото интервју погледнете го во видеото.