
Депонијата во Општина Арачиново чади со денови. Густиот чад оди директно кон куќите. Жителите велат дека стравуваат за здравјето, пренесува ТВ Телма.
Жителите за овој проблем немаа храброст да зборуваат пред камерите, но зад нив гласно коментираа дека воздухот е постојано загаден од депонијата која постојано гори и велат дека сметаат дека тоа влијае негативно врз нивното здравје. Ги повикаа надлежните да делуваат.
По одговори за овој проблем се упативме во Општина Арачиново, но оттаму нè препратија во комуналното претпријатие. Директорот во одговор за Телма вели дека веднаш го пријавиле чадот до надлежните институции.
Надлежните во општината Арачиново, нејзиното комунално претпријатие, но и на државно ниво, си ја префрлаат топката за проблемот и засега само ветуваат решение.
„Беа информирани пожарникарите кои интервенираа три до четири пати. Паралелно, екипите на ЈКП „Амбиенти“ – Арачиново работат на терен со механизација за отстранување и покривање на отпадот, со цел целосно да се спречи повторно ширење на чадот. Постојат сомнежи дека пожарот е предизвикан од несовесни лица кои намерно предизвикуваат штета. За случајот е информирана и Полициска станица Арачиново, од каде што редовно се вршат патроли во околината на депонијата“, изјави за „Телма“ Арменд Рамадан, директор на ЈКП „Амбиент“ – Арачиново.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека одржале состанок и договориле во иднина да има служба за 24-часовно дежурство, бидејќи има зачестено потпалување на депонијата.