
Прилеп доби камерна галерија и монографија на уметникот Ѓорѓи Ачески-Аче
Прилепскиот Завод и музеј ја отвори камерната галерија посветена на Ѓорѓи Ачески-Аче, прилепскиот уметник- хроничар на препознатливата староградска архитектура на градот. Воедно, беше промовирана и монографијата „Еден музеј на една архитектура“. Камерната галерија е во некогашното „Бабанеделино училиште“ и е до галеријата на икони во Прилеп.
Прилепскиот Завод и музеј ја отвори камерната галерија посветена на Ѓорѓи Ачески-Аче, прилепскиот уметник- хроничар на препознатливата староградска архитектура на градот. Воедно, беше промовирана и монографијата „Еден музеј на една архитектура“.
Камерната галерија е во некогашното „Бабанеделино училиште“ и е до галеријата на икони во Прилеп.

– Прилеп доби камерна галерија, доби уметност, доби историја, географија, доби минато и сегашност. Идејата за камерната галерија беше на Заводот и музеј, но без поддршката на Министерството за култура не ќе можевме да ја оствариме, рече Мимоза Христоска, директорка на прилепскиот Завод и музеј.
Во галеријата се изложени 27 дела на Ачески кој иако самоук сликар, со душа и срце ја создавал својата уметност, подарувајќи му ја на Прилеп.

– Самоукиот сликар, уметник Ѓорѓи Ачески-Ач својот живот несебично го посветил на уметноста и нејзиниот развој. Тој го направил тоа што се заветил пред себе си- „Додека чука моето срце и до последната капка крв во моите жили, колку што можам да го збогатам своето творештво, а тоа подоцна да биде богатство за Прилеп“, рече кустосот Елизабета Дерменкоска- Цефи која е автор на монографијата „Еден музеј на една архитектура“.
Истражувањата за монографијата се започнати во музејската библиотека и продолжиле во архивот „Харалампие Поленаковиќ“ во МАНУ.
-Преку презентација ги прикажуваме цртежите на Аче кои ги нема во камерната галерија. Тоа се цртежи од МАНУ и од Националната галерија во Скопје, објаснува Паре Зареска, виш кустос и автор на монографијата „Еден музеј на една архитектура“.
Преку делата на Ѓорѓи Ачески-Аче посетителите се запознаваат повторно со еден боем кој ги овековечил прилепската историја, архитектура и душата на градот.