Николоски: Македонија да ѝ се приклучи на иницијативата „Три мориња“ заради геостратешкиот интерес

Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња“ во нејзиниот зародок како геостратешки интерес на државата – истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња“, што се одржа во Стопанската комора.

Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња“ во нејзиниот зародок како геостратешки интерес на државата – истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња“, што се одржа во Стопанската комора.

Според Николоски, државата има многу да понуди, а како што истакна, имаме и начин како да се приклучиме и да соработуваме. Од една страна, го имаме најголемиот бизнис-коридор во Европа, Коридорот 10, кој се сече со вториот по значење безбедносен коридор на НАТО, Коридорот 8. Тие ни даваат подобра поврзаност и геостратешка предност и затоа ние како Влада посветуваме големо внимание, енергија и инвестиции да ги доизгрaдиме и модернизираме – посочи Николоски.

Говорејќи за геополитичката позиција на државата, вицепремиерот Николоски истакна дека политиките на Владата се насочени да биде поставена како стратешки партнер на САД во регионот.

– Eден сплет на настани, со мојата посета во Вашингтон, со сегашниот стратешки дијалог што се случува во Вашингтон и со посетата што ќе ја има министерката за финансии исто во Вашингтон, говори дека ние се обидуваме да се поставиме во регионот како стратешки партнери на САД. Ако на тоа се додаде стратешкото партнерство влада со влада, што го потпишавме минатиот мај во Лондон со Велика Британија, ако на тоа се додаде договорот за стратешко партнерство, кој го потпишавме во јули минатата година со Унгарија, мислам дека работите се јасни. Најлошата работа што може да ѝ се случи на една држава е да не ги сфати новите текови. Ние мора да сме свесни во какви услови се наоѓаме и какви можности нè чекаат и да ги искористиме – истакна вицепремиерот Николоски.

Зборувајќи за инвестициите на коридорите 8 и 10, тој потенцира дека Владата преку инвестициите го истакнува нивното значење и важност како геостратешка предност во регионот и од аспект на економското влијание и од безбедносен аспект.

– Во однос на Kоридорот 10, имаме функционален автопат, во однос на железницата, минатата година потпишавме договор со Велика Британија да изградиме брза пруга. Во моментот ги работиме подготвителните работи, рокот е да ги завршиме во текот на летото и да почнеме со земјените работи и во рок од 5 години овој проект да биде завршен и како што ветивме до крајот на 2031 година да биде завршен. Ако на тоа се додаде гасниот конектор, кој го градиме со Грција и треба да биде извор на пет алтенративни мрежи за гас, вчера се потпиша договор со ЛНГ од САД и прашање на денови е кога ќе излезе тендерот за изградба на интерконекторот со Србија, тоа значи дека тивко, без многу помпа, ние во Македонија градиме алтернатива на она што се нарекува „Турски тек“ или „Јужен тек“ – рече Николоски.

Како што дополни, и во однос на Коридорот 8 автопатски напредуваме добро. – Источното крило го пуштивме минатиот јануари, вториот дел го работиме со ЕУ од Куманово до Страцин, понатанму Страцин – Паланка го пуштивме, а го реконструираме и ГП Деве Баир. Интензивно работиме на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани. Сега со ЕБОР работиме на делот од Букојчани – Кичево и веќе интензивно се работи Кичево – Охрид. Ако на тоа се додадат целосната реконструкција и проширувањето на ГП Ќафасан, имаме едно заокружување, кое до 2029 година ќе биде целосно функционално – наведе вицепремиерот.

Како што информира Министерството за транспорт, за пругата кон Бугарија очекува до понеделник да биде објавен тендерот за надзор за третата фаза, а за дваесетина дена и тендерот за изградба на оваа делница.

– Во западниот дел се работи со ЕУ за надградба и реконструкција на потегот од Скопје преку Јегуновце, Гостивар до Кичево на постојната траса, а ако се договориме со УНЕСКО, ќе ја продолжиме до Охрид, Струга и границата со Албанија – истакна вицепремиерот.

Тој ги потенцира и проектите на Коридорот 10 д, како и можноста за поврзување на Коридорот 10 со Коридорот 4 во Бугарија, како и инвестиции, кои геостратешки ќе овоможат економска предност и безбедност во децениите што следуваат.