(ВИДЕО) Проф. Спасевска: Наместо политики на хартија, потребни се реални планови за стопирање на одливот на кадри
➡Младите се решаваат да пробаат да најдат добра работа во странство, затоа што најверојатно, кај нас нема спрега помеѓу универзитетите и компаниите. ➡Мислам дека пререгулираноста на било кој закон за високо образование, смета на развојот на академијата, на академската фела и воопшто на образованието и на науката. ➡Не можеме ние да градиме ставови, механизми за да стопираме младите да одат во странство само со говори и со политики кои не се применуваат. Значи мора да имаме реални акциски планови како да ги задржиме“, изјави проф. Спасевска.
„Младите се решаваат да пробаат да најдат добра работа во странство, затоа што најверојатно, кај нас нема спрега помеѓу универзитетите и компаниите, односно компаниите веднаш да ги привлечат и ги земат овие млади студенти. Природно е секоја компанија да бара профит. Природно е тие да бараат веќе добро обучени, практично обучени кадри, со вештини и со знаење, а од друга страна универзитетите со своето формално образование немаат доволно практична работа, која би ги профилирала тие кадри уште на универзитетот. И она што е исто многу битно, значи тука не се во прашање само компаниите, ние како држава немаме механизми да младите инженери кои ќе излезат од нашите универзитетски клупи, веднаш да започнат свои бизниси и свои компании. А за да се работи старт-ап компанија, спин-оф компанија, во овие модели секогаш за поддршка мора да биде вклучена и државата, за веднаш по завршувањето на студиите тие да започнат свој бизнис“, изјави во „Трилинг“ проф. Христина Спасевска, поранешна проректорка на УКИМ.

Околу загрижувачките информации кои покажуваат дека се намалува бројот на студенти на градежните факултети, а Македонија во моментов гради три автопати со околу 3 милијарди евра инвестиции и дали тоа не е предизвик за фирмите и студентите, проф. Спасевска вели дека новите генерации на млади студенти сакаат веднаш по завршувањето на студиите да имаат добра работа и да имаат голема плата.
-Јас не сум сигурна колку во градежниот сектор, во овој момент, еден млад инженер може да има примања. Исто така да не заборавиме дека ова е периодот од животот на еден млад човек кога тој треба економски да се осамостои и секако да планира да формира семејство. Се уште мислам дека градежните компании не се подготвени да дадат реални примања на млади инженери без искуство. И мислам дека тој тренд ќе потрае се додека не се надмине таа ситуација“, вели Спасевска.

Говорејќи за предлог законот за високо образование, професорката смета дека многу често ги менуваме законите за високо образование, и тоа не од сега, туку долги години наназад.
„Јас се надевам дека сите забелешки, или повеќето од нив се имплементирани, затоа што знаете дека имаше навистина бурна расправа околу законот. Мислам дека пререгулираноста на било кој закон за високо образование, смета на развојот на академијата, на академската фела и воопшто на образованието и на науката.
-Точно е и дека секоја нова власт носи нов закон кој е многу поразличен од претходниот. Така беше 2018-та, така е и сега. Но јас пак ќе се осврнам на таа пререгулираност. А нели ние освен критериумите за кој најмногу се зборуваше сега, дека професорите ќе добијат повисоки критериуми за избор во звање, всушност тој терет падна повеќе на помладите колеги, но тоа не беше целта на дискусијата. Битната цел на овие дискусии поврзани со законот е да се намали регулираноста и да се остави можност универзитетите да постават свои критериуми, а од друга страна државата да контролира дали тие критериуми се исполнуваат“, вели проф. Спасевска.

Прашана за тоа како да се спречи трендот на „brain drain“, проф. Спасевска вели дека се потребни реални конкретни акциски планови за тоа да се спречи.
„Значи не можеме ние да градиме ставови, механизми за да стопираме младите да одат во странство само со говори и со политики кои не се применуваат. Значи мора да имаме реални акциски планови како да ги задржиме“, изјави проф. Христина Спасевска, поранешна проректорка на УКИМ.
Целото интервју погледнете го во видеото.