(ВИДЕО) Д-р Станков: Во 2070-та, околу 1,2 милиони жители ќе има во Македонија
➡Официјално можам да кажам дека на некој начин од 2019-та година државата е влезена во демографска криза. ➡Во 2070, мислам дека околу 1,2 милиони резидентно население би имало, согласно различните сценарија коишто се направени при подготовката на проекциите на населението. ➡Согласно проекциите на населението, бројките се тие, нема простор за оптимизам, вели Станков.
„Државниот завод за Статистика (ДЗС) редовно прави процени на населението врз основа на податоците од последниот попис и редовните ажурирања коишто се прават врз основа на виталните статистики и статистиките за миграции. Па така согласно последната состојба од 1-ви јануари 2025-та година, бројот на население е 1.822.612 илјади лица, при што морам да нагласам дека во периодот помеѓу двата пописа на население, сме изгубиле околу 9,2% од населението. Природниот прираст во тој период од дваесетина години е позитивен и доколку го додадеме тој природен прираст нашата загуба на население како резултат на сите оние случувања кои се случуваат во изминативе триесетина години е околу 230.000 лица. Во моментов во рамки на проектот за воспоставување на статистички регистар на население, работиме една нова метода за процена на населението врз основа на т.н знаци на живот, врз основа на административните извори, затоа што нашата цел е како статистика во иднина да воспоставиме статистички систем базиран на регистри, вклучително и кај статистиките на населението“, изјави во „Трилинг“ директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков.

Прашан на што се должи демографскиот колапс, Станков вели дека за жал, стапката на наталитет опаѓа низ годините.
„Од околу 17% во 1991 година, сега веќе е сведена на 8,8%. Во меѓувреме и морталитетот се зголемува, изнесува 11,1%. Така што како резултат на овој дисбаланс, на оваа разлика помеѓу родени и умрени лица, од 2019-та година имаме негативен природен прираст. Официјално можам да кажам дека на некој начин од 2019-та година државата е влезена во демографска криза, затоа што прв пат се јавува овој негативен природен прираст“, додава Станков.
Околу прогнозата во која што се вели дека во 2070 година во државата ќе живеат само околу полови милион резидентно население, Станков вели дека има различни сценарија коишто се направени при подготовката на проекциите на населението.
„Не. Мислам дека околу 1,2 милиони резидентно население би имало, согласно различните сценарија коишто се направени при подготовката на проекциите на населението. Има три сценарија, зависно од стапките на фертилитет, на миграција и тн., но точно е дека е загрижувачки тој тренд и затоа сметам дека е многу соодветно што навремено сега владата ја подигнува оваа тема како приоритетна и многу често се зборува за демографската криза, којашто де факто нас ни се случува неколку години, а кулминираше во 2019-та година, а е резултат на сите оние процеси од 1991-та па наваму, од процесот на транзиција и се она што се случуваше во државата и истовремено е резултат на она иселување на населението коешто се случуваше изминативе 30 години.
-Согласно проекциите на населението, бројките се тие, нема простор за оптимизам“, вели Станков.
Прашан дали смета дека до 2070 година Македонија ќе падне под 1 милион жители, вели дека тоа не го зборат проекциите на населението.
„Но веќе сме влезени во демографска криза. Ова е еден од најсериозните, долгорочни, проблеми за државата. Секако дека има повеќекратни влијанија. Едно од влијанијата е во областа на економијата, односно ние знаеме дека БДП-то се создава како резултат на трудот и на капиталот. Во изминатиов период ние имаме депресијација на трудот, која што депресијација ја надминува апресијацијата на капиталот, а тоа влијае и на потенцијалот на нашата економија, односно на потенцијалниот БДП. Така што ефектите се повеќекратни и ценам дека е добро што ние се почесто зборуваме за демографијата како тема и треба што повеќе мерки да се креираат за да се зголеми наталитетот, односно тоа треба да биде бр. 1 за државата, затоа што без луѓе де факто нема ни држава“, смета Станков.

Прашан како во вакви околности, економско-социјални, кога луѓето се жалат дека една просечна плата не им е доволна за да преживеат, и кога најголем дел од младата генерација перспективата ја бараат надвор од Македонија, да очекуваме раст на наталитетот, Станков вели дека тоа прашање е за креаторите на политиките и за истражувачката заедница.
„Ние како Државен завод за статистика сме овде да обезбедиме релевантни и кредибилни статистички податоци врз основа на кои ќе може да се креираат соодветни мерки и политики. И доколку ги анализираме статистичките податоци, индикаторите даваат основа каде треба да се насочиме како држава. Потребно е да се креираат таргетирани мерки во рамки на фискалните можности.
-Доколку ја анализираме сиромаштијата кај повеќедетните семејства ќе забележиме дека таа е исклучително висока. Така што еве овие два индикатори исто така може да ги земе предвид при креирањето на идните мерки и политики. Секако, последните мерки што се направија во однос на инвитро оплодувањата и тн., се позитивни и треба да се продолжи во таа насока, да го зголемуваме наталитетот и истовремено да работиме со нашите кои што се веќе во странство, да се подобри состојбата во општество за тие да се вратат и добро е што тоа е приоритет на оваа Влада, изјави д-р Станков.

Анализирајќи го податокот, дека иако Македонија важи за релативно сиромашна држава, а од друга страна има вишок на изградба на згради и продажба на станови, Станков вели дека постојат повеќе причини.
„Фактот дека сме во една глобална неизвесност, населението и компаниите сакаат да ги вложат своите средства во едни стабилни и сигурни инвестиции, а во услови кога кај нас нема развиен пазар на пари и капитал, поголем дел од населението вложувањето во недвижности го смета за сигурна инвестиција. Така што сметам дека овој дисбаланс којшто е создаден во рамки на нашата развиеност како пазар на пари и капитал и пазарот на недвижности, придонесува да имаме раст на овој сектор на недвижности. Како како држава ќе се развиваме, ќе ги развиваме нашите пазари на пари и на капитал, така и притисоците врз пазарот на недвижности ќе се намалуваат, вели Станков.
Целото интервју погледнете го во видеото.