(ВИДЕО) Пешев: Немаме безбедносен штит што ќе нè спаси од економските импликации

➡Светот не поминал низ ваков тип на криза која е комбинација од сите оние кризи кои во изминативе десетина години светот ги помина. ➡Пешев смета дека клучната ситуација во овој момент треба да се анализира врз база на тоа колку навистина сериозно ќе ја сфатиме оваа ситуација, и колку ќе почнеме да делуваме „кризно“.➡Македонија ќе има сериозни предизвици и се очекува да имаме период на носење на многу мудри одлуки, и да се подготвуваме за сите можни сценарија ➡Бизнисот се движи во траекторија во која не создава поголеми трошоци од тоа што е потребно. Дефинитивно не се инвестира, вели Пешев.

„Мислам дека ако некој има одговор на ова прашање, тој навистина е многу паметен и многу богат човек“, изјави за „Трилинг“, Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора на Македонија, прашан за енергетскиот шок, безбедносните предизвици, финансиските неизвесности и за што Македонија не е подготвена.

„Светот не поминал низ ваков тип на криза која е комбинација од сите оние кризи кои во изминативе десетина години светот ги помина. Значи имавме енергетска криза, имавме финансиска криза, имавме Корона криза во која беа застанати токовите и ланците на снабдување. Оваа криза помалку наликува на се комбинирано, вели Пешев и додава дека ако гледаме по цената на нафтата во светот, психолошката бариера од 115 долари за суровата нафта е пробиена.

-Тоа значи дека, ако оцениме по цената на нафтата, може да имаме сериозна енергетска криза, дури и поголема од онаа која ја имавме пред три-четири години.

Фото: Трилинг / Антони Пешев

Прашан дали како бизнисмен и извршен директор на Стопанската комора на Македонија насетува дека ни следува инфлаторен шок, Пешев смета дека клучната ситуација во овој момент треба да се анализира врз база на тоа колку навистина сериозно ќе ја сфатиме оваа ситуација, и колку ќе почнеме да делуваме „кризно“.

„Знам дека на најголем дел од луѓето им се чини дека војната е далеку и дека тоа нема да ја „заплесне“ Македонија, дека ние сме далеку од дометот на нај далекуметните ракети од Иран, дека како членка на НАТО легнавме на чувството дека имаме безбедносен штит, меѓутоа сето она што се случува е надвор од сите можни сценарија што претходно биле анализирани. Значи и безбедносно и секако, Македонија ќе има сериозни предизвици и се очекува да имаме период на носење на многу мудри одлуки, и да се подготвуваме за сите можни сценарија“, вели Пешев.

Фото: Трилинг / Антони Пешев

Осврнувајќи се на тоа дали недоволно сериозно ги проценуваме можните економско финансиски, па и безбедносни импликации од оваа криза, Пешев вели дека ако следите вести загрижувачки тонови нема, како да кризата ќе биде краткотрајна и дека со некои мерки го ублажуваме шокот.

„Вистина е дека со мерките што ги донесе владата, а тие се со лимитиран временски период заради намалувањето на ДДВ-то, и сите оние притисоци што се прават цената на горивата да биде што е можно пониско, се стекнува впечаток дека кризата се менаџира, се третира правилно. Меѓутоа факт е дека две недели ќе поминат многу брзо. ДДВ-то ќе мора да се врати или ќе мора да се воведуваат нови мерки. Точно е дека имаме најниско ниво на горивото на нашите бензински пумпи. Имаме 10% зголемена потрошувачка што нема никаква врска со зголемувањето на производството, бидејќи скоро во сите сектори имаме намалување на производството.

-Тоа укажува дека кризата не е само наша локална. Таа е регионална и глобална, и мислам дека ќе мора да се прават многу мудри чекори кои во одредено време, на кратки стази, на долги стази, ќе обезбедат предвидливост. Значи никој не се занесува дека ние како Македонија со своите ресурси, капацитети ќе ја надмудриме кризата, туку ние треба да бидеме како во оној виц – кога двајца пријатели во пустина биле нападнати од лав и едниот седнал да ги заврзува патиките и тој другиот му вели „што ти е на тебе, ај да бегаме, ти мислиш дека ќе побегнеш од лавот? А вториот му одговара – не мислам, туку мислам дека ќе бидам побрз од тебе. Тоа е всушност пораката – ние треба да бидеме помудри од земјите што не опкружуваат, и од многу други земји во светот кои на ова гледаат или не гледаат со доволно внимание“, вели Пешев.

Фото: Трилинг / Антони Пешев

Говорејќи за тоа дека владата прогласи кризна состојба од еден месец и дали е потребна вонредна состојба што ќе вклучи рационално трошење на буџетот, битка против криминалното осипување на државната каса, цврста контрола врз ценовниот и инфлацискиот притисок, Пешев смета дека ова е мерка која што била нужна брзо да се делува, доколку кризата траеше или трае кратко.

„Нема потреба да правите толку драматични потези, заради тоа што моменталната состојба навистина не е таква, но секако до тоа ќе дојде ако кризата продолжи. Ние сега имаме мешани пораки од претседателот Трамп – дека војната е завршена, дека целите на САД се завршени, дека Америка се повлекува од воената интервенција, а после тоа гледаме нова ескалација на проблемите. Сега имаме ситуација во која јеменските бунтовници се активираат, блокада на уште еден теснец преку кој поминува светската трговија со нафта. Така што јас мислам дека светот ова, во ваква варијанта, го нема доживеано уште од онаа голема кубанска криза кога руските нуклеарни боеви глави тргнаа кон Куба“, изјави Пешев.

Фото: Трилинг / Антони Пешев

Околу тоа како реагираат претприемачите, бизнис заедницата во вакви воени околности, извршниот директор на Стопанска комора на Македонија вели дека како и секогаш бизнисот е повнимателен од тоа што се мисли.

„Сега се е ставено во фаза на анализа и мирување. Бизнисот се движи во траекторија во која не создава поголеми трошоци од тоа што е потребно. Дефинитивно не се инвестира. Дефинитивно секоја компанија си ги пресметува роковите во кои може да го издржи овој тип на притисок, имајќи предвид дека инфлацијата не се одразува само на финалната потрошувачка кај граѓаните, туку инфлацијата се одразува на сите елементи, вклучително и репроматеријалите кои се основа на производството на поедини сегменти на економијата“, смета Пешев.

Прашан дали може да ни се случи да се преслика онаа состојба од времето на Ковид пандемијата, кога фирмите одлучија да направат и своевидно затворање на погоните на одреден период, вработените да ги пуштаат од дома да работат, а се со цел заштеда, Пешев цели дека кај нас во овој момент такви индиции за македонските компании нема, но затоа некои од странските инвеститори тоа го направија.

„Ние минатата година, имајќи предвид сето она што се случуваше првенствено со украинската криза, а полека со економското паѓање на Европа кој е нашиот стратешки партнер, компаниите почнаа да си ги пресметуваат причините зошто се наоѓаат во Македонија и колку треба да останат тука. Ние објективно имаме пад на бројот на вработени во индустриските зони. Можеби тоа директно не се одразува на профитабилноста на зоните, меѓутоа индиректно, намалувањето на бројот на вработени, затворањето на една-две странски инвестиции и ако застане на ова ниво е во ред, но ако продолжи тој тренд ќе имаме намалување на бројот на вработени во индустриските зони, и покрај тоа што во овој момент многу популарно е да се напаѓаат индустриските зони заради нивната привилегирана позиција, сепак делот на нивната контрибуција во платите на вработените ќе се одрази – плаќањето во здравствениот и пензискиот Фонд ќе се намали. Слушнавме и од министерката за финансии дека има потфрлања во делот на контрибуциите спрема фондовите. Тоа е загрижувачки, вели Пешев.

Целото интервју погледнете го видеото.