
Ректорот на универзитетот во Белград за полицискиот упад: Не дојдоа да истражуваат, дојдоа да не заплашат!
„Шеснаесет луѓе загинаа во Нови Сад. Никој не одговараше. Никој не беше сменет. Ниеден рисивер не беше запленет. Ниедна канцеларија не беше претресена“, рече ректорот на Белградскиот универзитет Владан Ѓокиќ, обраќајќи им се на граѓаните и студентите, по повод влегувањето на полицијата во Ректоратот.
„Шеснаесет луѓе загинаа во Нови Сад. Никој не одговараше. Никој не беше сменет. Ниеден рисивер не беше запленет. Ниедна канцеларија не беше претресена“, рече ректорот на Белградскиот универзитет Владан Ѓокиќ, обраќајќи им се на граѓаните и студентите, по повод влегувањето на полицијата во Ректоратот.
Еве го говорот во целост:
„Денес напладне, припадници на криминалистичката полиција влегоа во зградата на Ректоратот на Универзитетот во Белград. Без претходна најава. Без јасно правно образложение. Без почитување на автономијата на најстарата и најугледната образовна институција во Србија.
Запленија компјутери и ресивери. Претресуваат канцеларии. Бараат документи. А додека го правеа тоа — режимската телевизија пренесуваше во живо. Не дојдоа да истражуваат. Дојдоа да понижат. Дојдоа да му кажат на секој професор, секој студент, секој граѓанин: „Гледајте што им се случува на оние што не молчат“.
Да кажеме јасно што се случи денеска. Една млада жена загина во четвртокот. Трагедија што заслужува достоинствена, независна и темелна истрага. Универзитетот во Белград веднаш повика на таква истрага. Ние понудивме целосна соработка. Наместо тоа, добивме полициска рација пред камери.
Компјутерите на Ректоратот не содржат никакви информации релевантни за истрагата за смртта на една студентка на Филозофскиот факултет. Тоа сите го знаат. Но, тоа не е поентата. Поентата е сликата: полиција во Ректоратот. Ректор под истрага. Универзитет на колена.Таа слика е наменета за вас. Да се исплашите. Да помислите: ако можат ова да му го направат на Универзитетот, што можат да ми направат мене?
Но, да погледнеме друга слика. Додека полицијата влегуваше на една врата — студентите доаѓаа на друга. Илјадници. Спонтано. Без повик од партии, без организација, без автобуси. Дојдоа затоа што знаат што се случува. Дојдоа затоа што ова е нивниот универзитет. Дојдоа затоа што не се плашат. Тоа е вистинската слика на денешниот ден. Не полицијата во Ректоратот. Туку студентите пред него. На властите што го наредија ова им го порачувам следново:
Можете да ги земете компјутерите и ресиверите. Не можете да ја земете вистината.
Можете да ги претресувате канцелариите. Не можете да ја претресете совеста на народот.
Можете да испратите полиција. Но за секоја патрола што ќе ја испратите, ќе дојдат илјада студенти.
Шеснаесет луѓе загинаа во Нови Сад. Никој не одговараше. Никој не беше сменет. Ниеден ресивер не беше запленет. Ниедна канцеларија не беше претресена. Но, кога ректорот застана покрај студентите — тогаш дојде полицијата.
Тоа ви кажува сè што треба да знаете за оваа власт. Тие не се плашат од криминал. Тие се плашат од образованието. На студентите им велам: Го видовте денес тоа што се случи. Ја видовте полицијата во вашиот Универзитет. Ги видовте камерите како тоа го пренесуваат како да е победа. Тоа не е победа. Тоа е признание за пораз. Кога власта праќа полиција на универзитет, тоа значи дека ги изгубила сите аргументи. Кога запленува компјутери наместо да одговара на прашања — тоа значи дека нема одговори.
Петнаесет месеци стоевте на улиците. На дожд. На сонце. На студ. Рекоа дека ќе се откажете. Не се откажавте. Рекоа дека сте терористи. Не сте. Рекоа дека сте странски платеници. Не сте. Сега праќаат полиција на вашиот Универзитет. И нема да се откажете ни сега.
На граѓаните на Србија им велам:Тоа што денес се случи на Универзитетот во Белград не е напад лично врз мене. Ова е напад врз идејата дека во Србија постои нешто што власта не може да го контролира. Универзитетот е последната институција што стои исправено. Затоа дојдоа.
Но, Универзитетот не стои исправено затоа што има ѕидови. Стои затоа што има луѓе. Професори што одбиваат да молчат. Студенти што одбиваат да се плашат. Граѓани што одбиваат да ги заборават шеснаесетте животи од Нови Сад. Компјутерите и ресиверите можат да ги однесат. Но, она што го прави овој Универзитет — честа, знаењето, вистината — тоа не можат да го стават во кутија и да го изнесат од зградата.
За истрагата: Универзитетот во Белград целосно го почитува владеењето на правото. Поддржуваме секоја законита истрага. Но, тоа што се случи денес нема врска со истрага. Имаше врска со заплашување.Го повторувам повикот: бараме независна, а ако е потребно и меѓународно надгледувана истрага за околностите на смртта на нашата студентка. Бараме форензички експерти, а не политички операции. Бараме вистина — а не казна за оние што ја бараат“.