
Четири амбулантни возила на еврејската доброволна амбуланта беа запалени во Лондон, а полицијата објави дека го третира инцидентот како антисемитско злосторство, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Лондонската противпожарна бригада објави дека шест противпожарни возила и околу 40 пожарникари учествувале во гаснењето на пожарот во северниот дел од градот синоќа.
Бригадата објави дека неколку гасни боци во возилата експлодирале, а дека експлозијата предизвикала пукање на прозорците во соседната станбена зграда.
Во пожарот и експлозијата нема повредени.
Локалното еврејско здружение објави дека возилата биле намерно запалени, но дека не била поставена бомба: „Службите за итни случаи се на местото на настанот по намерен инцидент во кој биле запалени амбулантни возила. Експлодирале боци со кислород, а не бомба или експлозивна направа.“
Началникот на полицијата Сара Џексон изјави дека полицијата бара тројца осомничени.
Еврејските доброволни здруженија на амбулантни возила, познати како хацала, постојат низ целиот свет и им пружаат помош на пациентите без оглед на религијата.
Хацала Њујорк беше една од првите служби за итни интервенции по нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001 година.