
Катастар на оџаци, електрични автобуси, проширување на парното – стари мерки во нов план за почист воздух во Скопје
Изработка на катастар на оџаци, во кој ќе влезат сите локации каде има емисии на загадувачки супстанци во воздухот од индустријата, но и од домаќинствата е една од новите мерки кои ги предвидува Нацрт планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје.
Изработка на катастар на оџаци, во кој ќе влезат сите локации каде има емисии на загадувачки супстанци во воздухот од индустријата, но и од домаќинствата е една од новите мерки кои ги предвидува Нацрт планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје.
Во него се препорачуваат и веќе познатите мерки за зголемување на опфатот на топловодната мрежа, намалување на затоплувањето со фосилни горива, електрификација на јавниот сообраќај, како и воведување на најдобрите достапни технологии и контрола на индустријата.
Документот, што го изработува Градот Скопје и кој за прв пат се работи на дигитална платформа, денеска беше презентиран за прв пат пред јавноста. Според анализата на податоците од изминатите десет години, достапни преку Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ), воздухот во Скопје секоја година ги надминува дозволените нивоа на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките, но од друга страна покажува и намалување на обемот на загадувањето помеѓу 40 и 50 отсто од 2015 година досега.
Во планот се анализираат трите основни причинители на загадувањето, сообраќајот, индустријата и домаќинствата. Се предвидуваат и мерки за сите три категории кои треба да го подобрат квалитетот на воздухот, со конкретни рокови и со повеќе надлежни субјекти за имплементација на мерките, но не и јасно дефинирано која од институциите е одговорна и за следење на мерката во иднина. Во планот има и само предлози за изворите на финансирање за реализација на мерките.
Проширувањето на системот за централно греење, исфрлањето на печките на дрва и субвенциите за соларни системи и топлински пумпи се мерките предложени за домаќинствата. За намалување на емисиите од сообраќајот се препорачува купување на 100 електрични автобуси, воведување зона со ниски емисии во центарот на градот, имплементација на БРТ и проширување на велосипедската мрежа. И мерките за индустријата се веќе познати, како што е зајакнувањето на контролите и поттикнувањето да се користат најдобрите технологии. Планот спомнува и долгорочни инвестициски мерки како што се системите за компостирање на органски отпад, проширување на мониторинг мрежата, но и когенеративните гасни централи кои веќе ги најавуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Во документот се препорачани и познатите краткорочни мерки кои можат да доведат до намалување на загадувањето на воздухот, како што се почестото миење на улиците, превенцијата на пожарите, контрола на прашината од градилиштата, редовно чистење на оџаците и други.
Новиот нацрт план, што треба да важи од 2027 до 2031 година, е добра основа за понатамошно унапредување, смета Елена Николовска од Еко свест. Посочува дека документот мора да биде усогласен со новите закони за квалитет на воздухот и за индустриски емисии и со националните плански документи, како и да има обезбедени финансиски и технички капацитети за нивно спроведување.
„Истовремено, сметаме дека мерката за користење фосилен гас во домаќинствата треба да се замени со поддршка за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, согласно новиот Закон за енергетика кој овозможува развој на активни потрошувачи и граѓански енергетски заедници. Сметаме дека пред усвојување на планот треба да има повеќе јавни расправи на кои учество ќе земат експерти, институции, граѓани и други засегнати страни,“ вели Николовска.