„Вашингтон пост“: Сијарто оддавал европски тајни на Москва
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со години ѝ откривал доверливи информации на Москва од клучните состаноци на Европската унија, се тврди во истрагата на „Вашингтон пост“, повикувајќи се на изјави на европски функционер, пишува „Еуроњуз“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со години ѝ откривал доверливи информации на Москва од клучните состаноци на Европската унија, се тврди во истрагата на „Вашингтон пост“, повикувајќи се на изјави на европски функционер, пишува „Еуроњуз“.
Според весникот, Сијарто наводно за време на паузите на состаноците на Советот на ЕУ телефонски го контактирал својот руски колега Сергеј Лавров за да го информира за текот на дискусиите меѓу европските лидери. Со тоа, се сугерира во извештајот, им давал увид на руските власти во можните насоки на дејствување на Унијата. Неименуван безбедносен извор изјавил за весникот дека поради тоа „Москва со години практично седела на масата на секој состанок на ЕУ“.
На извештајот во неделата реагираше полскиот премиер Доналд Туск. „Веста дека луѓето на Орбан детално ја известуваат Москва за состаноците на Советот на ЕУ не треба никого да изненадува. Веќе долго време се сомневаме во тоа“, напиша Туск на социјалната мрежа X.
„Тоа е една од причините зошто зборувам само кога е неопходно и кажувам само најнеопходното“, додаде тој. Се огласи и потпретседателот на полската влада и министер за надворешни работи Радослав Сикорски, кој му порача на унгарскиот колега: „Ова би објаснило многу, Петер“.
Сијарто исто така преку мрежата X ги отфрли наводите на „Вашингтон пост“, нарекувајќи ги лажни вести чија цел е да ја зајакнат опозициската партија Тиса на Петер Маѓар пред парламентарните избори. „Како и секогаш, лажни вести. Лажете за да ја поддржите партијата Тиса и да доведете про-воена марионетска влада во Унгарија“, напиша Сијарто.
„Вашингтон пост“ во саботата извести и за наводен план на руската надворешна разузнавачка служба да инсценира обид за атентат врз премиерот Орбан. Операцијата, наречена „гејмчејнџер“ (пресврт), требало да ги зголеми неговите шанси за победа на претстојните избори.
Според последните анкети, опозициската партија Тиса на Петер Маѓар води со 48 отсто поддршка, пред партијата Фидес на Виктор Орбан која има 39 отсто. Парламентарните избори во Унгарија ќе се одржат на 12 април.