
Трендафилов до партиите: Го поделивте народот на ваши и нивни, а сите се сиромашни!
Сојузот на синдикатите на Македонија од почетокот на 2026 година организираше 2 големи работнички протести и 3 блокади на институциите кои имаа за цел да ги разбудат политичарите од розовиот сон и да погледнат во реалноста.
Објава на Фејсбук на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов:
Го поделивте народот на Ваши и Нивни, но, додека Вие ги боите луѓето, тие се уште посиромашни.
Сојузот на синдикатите на Македонија од почетокот на 2026 година организираше 2 големи работнички протести и 3 блокади на институциите кои имаа за цел да ги разбудат политичарите од розовиот сон и да погледнат во реалноста.
Протестите и блокадите беа организирани на барање на работниците, од работниците, за работниците, затоа што македонските работници денеска се најсиромашни работници на Балканот и во Европа сигурно, можеби и во светот.
Но, од друга страна, политичарите и политичките елити плашејќи се од работничкото незадоволство, почнаа да ги бојат работниците, де плави, де црвени, де црни, а притоа заборавајќи дека ниту по два преса дневно против ССМ, нема да се подобри работничкиот стандард, затоа што од почетокот на годината, и да не протестираше ССМ и да не бара повисоки плати за работниците, работниците и нивните семејства се посиромашни за 2326 денари колку што е зголемена вредноста на Синдикалната минимална кошница, прагот на сиромаштија во Македонија изнесува 31.200 денари, а 1/3 или 154.408 од работниците во Македонија живеат со примања под прагот на сиромаштија, односно работат, а се сиромашни.
Намерата на Владата да го почитува само Законот за минимална плата е поздравена од работодавачите, но тоа значи усогласување на минималната плата за 1.667 денари во нето износ, и тоа само за работниците кои работат на минималец или имаат плата пониска од 26.000 денари што е премалку, недоволно и срамно.
Но затоа, поважно беше да пресоблекуваат свои симпатизери и членови во маици на други политички субјекти, да ги испратат на протестот на 14 март, со цел да го обојат протестот, како да тоа ќе помогне на работничкиот стандард, како да секојдневните пресови против ССМ затоа што го зборува гласно тоа што го мисли секој работник, го решија проблемот со најниската минимална плата на Блаканот.
Загрижува фактот што дури и луѓето што ги злоупотребуваат за политички цели, се луѓе со плата под 30.000 денари или на минималец, па затоа ние ќе продолжиме да се бориме, Вие продолжете да не боите, но зголемете ја минималната плата !
Го поделивте народот на Ваши и Нивни, но и Вашите и Нивните се сиромашни, па затоа поговорката ,, Револуцијата ги јаде сопствените деца” во Македонија како да не важи, во Македонија, веројатно, нешто што треба да го научат работниците е дека ,,Политиката ги злоупотребува своите симпатизери” за политички поени и политички интереси.
За крај, уште еднаш ќе нагласам дека се оградуваме од сите политички игри, да Ви нагласам уште еднаш дека никој од нас нема политички амбиции, ниту пак има намера да загрози нечии политички позиции, но ќе продолжиме да зборуваме за плата, а Вие продолжете да зборувате за политика, но запомнете дека политиката не ги прехранува работничките семејства туку платата.
ССМ оваа година одбележува 80 години од своето основање, 80 години синдикална борба , но и 80 години напади, притисоци и замолкување, но пред 80 години ССМ е основан од работникот, со работникот, за работникот!