Намалена казната за смртното прегазување на Слободан кој поминуваше пешачки кај МНТ: Филиповиќ осудена на 2,5 години затвор

Две години и шест месеци затвор ѝ изрече судот на Гордана Филиповиќ, која со незастанување на пешачки премин и возење со поголема брзина од дозволената го усмрти 76-годишниот Слободан Ангеловски кај мостот „Гоце Делчев“, наспроти Македонскиот народен театар.

Две години и шест месеци затвор ѝ изрече судот на Гордана Филиповиќ, која со незастанување на пешачки премин и возење со поголема брзина од дозволената го усмрти 76-годишниот Слободан Ангеловски кај мостот „Гоце Делчев“, наспроти Македонскиот народен театар.

Несреќата се случи во 2022 година, а предметот се судеше по вторпат откако Апелацискиот суд ја укина претходната пресуда. Пресудата ја соопшти судијката Лидија Петровска.

Со првата пресуда Филиповиќ беше осудена на три години затвор, но со новата одлука казната е намалена на две години и шест месеци.

Синот на загинатиот пешак, Столе Ангеловски, изрази силно незадоволство од пресудата и оцени дека казната е премногу ниска.

„Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци – брзо возење и незастанување на пешачки. Судството не е на два процента, туку е на минус 20 проценти. Ова е шокантна и некоректна пресуда“, изјави Ангеловски.

Адвокатот на осудената, Владимир Туфегџиќ, најави жалба до Апелацискиот суд, посочувајќи дека делото не било сторено со умисла, туку од небрежност.

„Обвинетата не го сторила делото со умисла, туку станува збор за небрежно дело, на што упатуваат и ставовите и правната пракса во пресудите на Врховниот суд. Во жалбата ќе ги изнесеме нашите аргументи“, изјави Туфегџиќ објави Скопје1.мк.