
Србија забрани извоз на нафта до 19 март
„Забраната се однесува на извоз на дизел, бензин и сурова нафта со сите видови транспорт до 19 март, по што ќе носиме понатамошни одлуки. Суштината на оваа забрана е заштита на домашниот пазар од недостиг и од пораст на цените, како резултат на глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, се наведува во соопштението на Министерството.
Владата на Србија на вонредна седница донесе одлука за забрана на извозот на нафта и на сите нафтени деривати за погон на моторни возила.
„Забраната се однесува на извоз на дизел, бензин и сурова нафта со сите видови транспорт до 19 март, по што ќе носиме понатамошни одлуки. Суштината на оваа забрана е заштита на домашниот пазар од недостиг и од пораст на цените, како резултат на глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, се наведува во соопштението на Министерството.
Таа потсети дека Србија е земја во која граѓаните плаќаат нафтени деривати пониска цена во однос на нивната реална берзанска вредност и дека државата прави сè за да ги заштити граѓаните и стопанството.
Одлуката доаѓа во време кога глобалните енергетски пазари се под силен притисок поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Кризата дополнително се продлабочи откако кон крајот на февруари започнаа нови воени операции меѓу Израел, САД и Иран, што ја зголеми неизвесноста околу стабилноста на енергетските испораки од регионот.
Тензиите директно влијаат врз пловидбата низ Ормутскиот теснец – една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и течен природен гас. Секое нарушување на сообраќајот во овој теснец веднаш се одразува врз цените на енергенсите на светските берзи.
Како резултат на зголемената нестабилност, цената на суровата нафта од типот „Брент“ веќе ја надмина границата од 110 долари за барел на европските пазари, додека на азиските берзи достигна и околу 120 долари. Поради ваквите движења, денеска се очекува итен состанок на земјите од Г7 и на Меѓународната агенција за енергија, каде ќе се разговара за можните чекори за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар.
Во такви околности, одлуката на Србија да го ограничи извозот на нафта и деривати претставува обид да се зачува стабилноста на домашниот пазар во време на глобална енергетска неизвесност.