„Одлука на РКЕ е колку ќе се промени цената на струјата, но секако дека цената ќе биде во интерес на граѓаните, во интерес на домаќинствата, а ние правиме големи напори за да нема ценовни шокови и во делот на слободниот пазар“ вели меѓудругото министерот за економија, Крешник Бектеши во најновото издание на „Трилинг“.
Тој смета дека енергетската криза беше предвидена, но во делот на домаќинствата, цените не можат да се менуваат.
„За да нема ценовни шокови, и во јуни и сега ќе донесеме одлука ЕСМ да ги покрива потребите на ЕВН хоум“ вели Бектеши.
Запрашан дали Македонија ќе го следи примерот на Србија за замрзнување на цените на дел од производите, Бектеши рече:
„Во склоп Министерството за економија секторот за трговија ги направи пресметките, предлогот во сабота или во вторник ќе се разгледува во Влада, и најверојатно и С. Македонија ќе донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи, тоа се лебот, брашното, млекото, зејтинот, па можеби и месото“.
Во врска со најверојатното ново мнозинство во Собранието со приклучувањето на Алтернатива на местото на БЕСА, министерот Бектеши рече дека „Алтернатива ги споделува вредностите за нашата држава во ЕУ, а со делот на отстапување на ресори, најверојатно наредната недела ќе биде објавен договорот“.
„ДУИ беше единствениот победник на локалните избори. Оваа владина коалиција, ова мнозинство кое очекуваме да биде зголемено, треба до 2024 година да го испорача она што им го ветиле на граѓаните. Не доаѓаат во предвид предвремени парламентарни избори, сакаме во целост да ја исполниме програмата. Ние сметаме дека Заев треба да остане претседател на Владата, но одлуката за нов мандатар ќе биде нивна, во СДСМ“ вели Бектеши.