Росатом ѝ нуди на Србија изградба на нуклеарна централа

Москва е подготвена да ѝ понуди на Србија проект за нуклеарна централа, потврди шефот на рускиот енергетски гигант Росатом по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Москва е подготвена да ѝ понуди на Србија проект за нуклеарна централа, потврди шефот на рускиот енергетски гигант Росатом по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Можеме да изградиме електрана која е 99 до 100 проценти руски производ, можеме да ја реализираме во формат на меѓународен конзорциум, со максимално учество на добавувачи“, изјави Алексеј Лихачов за новинарите по средбата во Белград со Вучиќ.

Србија во моментов нема свои нуклеарни централи, а законската забрана за нивна изградба воведена во 1989 година по катастрофата во Чернобил е на сила, пишува Ројтерс. Србија во моментов ги задоволува 70 проценти од своите потреби за електрична енергија од термоцентрали на јаглен, кои се големи загадувачи, и е целосно зависна од Русија за снабдување со гас.

Вучиќ напиша на својот официјален профил на Инстаграм дека тој и директорот на Росатом „разговарале за примената на нуклеарната енергија во областа на фармацијата, здравството и производството на енергија“.

„Исто така, ја разгледавме можноста српските компании да учествуваат и да ги обучуваат за примена на нуклеарната енергија во трети земји“, додаде српскиот претседател.

Српските медиуми објавија во септември минатата година дека Вучиќ, за време на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг, ги поканил руските компании да учествуваат во инфраструктурни проекти во Србија.