
ЦБ на Албанија: Плаќањата со картички во Албанија достигнаа нов рекорд во 2025 година
Минатата година бројот на плаќања со кредитни и дебитни картички во Албанија достигна 27,2 милиони, што е зголемување од 38,7 проценти во споредба со претходната година.
Минатата година бројот на плаќања со кредитни и дебитни картички во Албанија достигна 27,2 милиони, што е зголемување од 38,7 проценти во споредба со претходната година.
– Во однос на вредноста на трансакциите, плаќањата со картички достигнаа вредност од 105,75 милијарди албански леки (речиси 11 милиони евра), и тоа е 27 проценти повеќе во споредба со 2024 година. Тие бројки се највисоки во историјата на државата, соопшти Централна банка на Албанија.
Минатата година, за прв пат, бројот на плаќања со картички на ПОС терминали го надмина бројот на подигања готовина од банкомати.
Плаќањата со картички во последните години се поттикнати првенствено од зголемувањето на бројот на странски туристи. Нивната побарувачка за плаќање со картичка поттикна поголем број бизниси да прифаќаат плаќања со вакви инструменти, а воедно создаде простор за зголемување на пристапот и култура на безготовински плаќања за поголем дел од локалното население.
Според податоците од Банката на Албанија, бројот на ПОС терминали што прифаќаат плаќања со картички достигна рекордни 31.263 на крајот од минатата година, што е зголемување од 27,7 проценти во споредба со претходната година.
Бројот на активни банкарски картички издадени од албанскиот банкарски сектор достигна 1,65 милиони, што е за 9,4 проценти повеќе од претходната година.
Бројот на дебитни картички достигна 1,46 милиони, што е за 10 проценти повеќе на годишно ниво.
Во меѓувреме, кредитните картички исто така забележаа раст во 2025 година. На крајот од минатата година, банкарскиот сектор пријави речиси 120.000 активни кредитни картички, со годишен раст од 5,6 проценти.
Албанската влада ја објави својата цел за безготовинска економија до 2030 година, со цел поголемиот дел од плаќањата да се префрлат од физичка готовина на дигитални канали. Законот за даночни постапки, изменет од страна на албанскиот парламент кон крајот на 2025 година, исто така, воспостави обврска за бизнисите (со некои исклучоци) да бидат опремени со ПОС терминали за електронски плаќања до 2026 година. Се очекува ова да доведе до понатамошно проширување на плаќањата со картички.