
Муцунски по изборот во ИК: Новата организациска поставеност на партијата ќе донесе дополнителна енергија и кохезија
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница го избра новиот состав на Извршниот комитет на партијата, а лидерот и премиер Христијан Мицкоски рече дека тој е спој на искусни и нови членови.
Новата организациска поставеност ќе донесе дополнителна енергија и кохезија, бидејќи силна и стабилна партија е важен предуслов за силна и стабилна држава, оцени министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој синоќа беше избран за член на новиот Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски преку својот Фејсбук профил изрази благодарност за искажаната доверба до премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски.
„Вистинска чест и одговорност е да се биде член на Извршниот комитет на партијата која работи во интерес на граѓаните и цврсто ги штити националните интереси. Во изминатиот период, како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, со целосна посветеност и капацитет се вложив во работата на партијата. Поминавме низ значаен политички циклус во кој од опозиција прераснавме во владејачка политичка сила, и на локално и на централно ниво. И во периодот што следи ќе продолжам со истата посветеност да придонесувам кон реализацијата на програмските определби и политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Убеден сум дека новата организациска поставеност ќе донесе дополнителна енергија и кохезија, бидејќи силна и стабилна партија е важен предуслов за силна и стабилна држава“, напиша Муцунски на Фејсбук.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница го избра новиот состав на Извршниот комитет на партијата, а лидерот и премиер Христијан Мицкоски рече дека тој е спој на искусни и нови членови.
Нов генерален секретар на партијата е пратеникот Драган Ковачки, а огранизациски секретар е актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, кој е и досегашен и иден директор на Централниот штаб.