
До министерот не е пристигната оставка од д-р Кедев за повлекување од Здравствениот совет, велат од МЗ
До министерот за здравство Азир Алиу досега формално не е пристигната оставка од страна на кардиологот и академик Сашко Кедев дека се повлекува од Здравствениот совет. Ова денеска го соопштија од Министерството за здравство, како одговор на прашање од „360 степени“ за коментар за повлекувањето на кардиологот и причините што тој ги навел.
До министерот за здравство Азир Алиу досега формално не е пристигната оставка од страна на кардиологот и академик Сашко Кедев дека се повлекува од Здравствениот совет. Ова денеска го соопштија од Министерството за здравство, како одговор на прашање од „360 степени“ за коментар за повлекувањето на кардиологот и причините што тој ги навел.
Вчера ТВ Канал 5, повикувајќи се на свои извори во Здравство, објави дека д-р Кедев се повлекува од Здравствениот совет формиран од министерот Алиу. Како причина за повлекувањето, според телевизијата, докторот го навел застојот во започнатите контроли по откривањето на случајот со непотребните операции на срце, кој го обелодени лично тој.
Од Министерството велат дека согласно Законот за здравствена заштита, здравствениот совет се формира од страна на министерот за здравство.
„Здравствениот совет се состои од девет членови, кои треба да бидат со завршено високо образование од областа на медицината, стоматологијата, фармацијата, економијата или правото, со работно искуство во областа на здравството, при што се води сметка за соодветна и правична застапеност на сите заедници“, одговорија од МЗ.
Инаку, по откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година, министерот за здравство Азир Алиу формираше 15-члена комисија, која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај.
Според наодите на комисијата, од 19 анализирани пријавени сомнителни случаи на непотребно извршени интервенции на срце, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции.
Наодите на интерната комисија на Министерството за здравство, Кедев во интервју за „360 степени“ во декември лани ги нарече „врвот на сантата мраз“, велејќи дека станува збор за бројки што се минимални во однос на потенцијалните неправилности и недоследности од овој аспект.
Кардиологот тогаш оцени дека ако остане без завршница, случајот ќе отвори големи сомнежи во јавноста.
На прес-конференција на 19 декември минатата година министерот Алиу најави дека за ,,следната недела” треба да се одржи првиот состанок со странските експерти што треба да бидат ангажирани за финализирање на извештајот за случајот со непотребните операции на срце.. Досега нема информации дали и како функционира оваа комисија.
Во државава кардиохируршки зафати, освен во државната кардиохирургија (но во помал обем), се прават во приватните болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“, а трошоците за операциите се покриваат од државниот Фонд за здравствено осигурување.