
ЛДП бара меѓународни експерти да проверат како Алта банка влегла во Македонија
Либерално-демократската партија (ЛДП), коментирајќи го случајот со Алта банка, оценува дека земјава е на почеток на, како што велат од партијата, сериозна економска хаварија во која пукаат олигархиски мрежи на режимите на поранешните лидери на Унгарија и Србија, Виктор Орбан и Александар Вучиќ.
Либерално-демократската партија (ЛДП), коментирајќи го случајот со Алта банка, оценува дека земјава е на почеток на, како што велат од партијата, сериозна економска хаварија во која пукаат олигархиски мрежи на режимите на поранешните лидери на Унгарија и Србија, Виктор Орбан и Александар Вучиќ.
Со нив, се вели во соопштението, пропаѓаат и фирмите експоненти на овие режими кои на црвен килим биле донесени во Македонија.
Според либерал-демократите, скандалот со Алта банка не е изолиран инцидент, туку доказ кој аларамира за леснотијата со која „туѓи политички интереси го окупираат македонскиот финансиски систем“.
Оттаму обвинуваат дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ со тоа ги претворила граѓаните и македонската економија во директни заложници на погрешните геополитички и бизнис-модели.
Реакцијата на ЛДП во овој контекст се однесува и на одлуката на Народната банка за воведување привремена администрација во Алта банка АД Битола, како привремена заштитна мерка. Согласно одлуката, физичките лица што имаат сметки во банката имаат неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картичка, а внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Правните лица можат да вршат неограничени внатрешни трансфери во рамките на банката, но не можат да префрлаат средства во други банки, ниту да повлекуваат готовина од банкомати или шалтери. Привремената управа на Алта банка АД Битола доаѓа откако на Алта банка АД Белград пред три дена ѝ беше одзема лиценцата за работа.
„Кога се отвораа ширум вратите за странскиот капитал близок до трули центри на моќ, сегашната власт свесно замижуваше пред ризиците, ги промовираше и заштитуваше. Сега, кога империјата на инвеститорите се руши во регионот, сметките во Македонија се замрзнуваат, бизнисите се заглавени, а граѓаните се прашуваат како да преживеат. Ова е вистинската цена на политички асистираните зделки и клиентелизмот што се прелева директно врз грбот на македонскиот народ“,велат од Либерално-демократската партија.
Оттаму посочуваат дека наместо силна и независна пазарна економија, земјава добила увоз на туѓо увезено финансиско цунами во режија на Владата.
Поради ова, од ЛДП бараат итна и независна меѓународна експертска проверка и целосен отчет за тоа кој го одобрил сомнителниот влез на капитал во банкарскиот сектор, како и цврста или, како што велат, железна гаранција за заштита на сите штедачи и компании.
„Не прифаќаме празни соопштенија, ниту, пак, префрлање на вината додека системот се ниша од темел. Граѓаните нема зошто да ја плаќаат цената на туѓите економски авантури и регионални партиски лобирања. Кој и понатаму мисли дека македонската држава е полигон за сомнителни странски инвеститори и бизнис-експоненти, мора да сноси одговорност“,велат од ЛДП.
Од политичката партија велат дека по завршувањето на оваа криза, оставката на гувернерот на Народната банка – Трајко Славески е неизбежна, како и целосно „чистење на институциите од политички полторни“.
„Парите и судбината на граѓаните не се монета за поткусурување на балканските и регионалните олигарси“, порачуваат либерал-демократите.
Пратеничката група на опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија достави барање за надзорна расправа во парламентот во врска со последните случувања со Алта банка. Во рамките на расправата, пратениците на СДСМ ќе бараат одговори за улогата на Народната банка и за, како што велат, институционалната одговорност за измамата на граѓаните.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека освен барањето за надзорна расправа, партијата ќе поднесе и интерпелација за работата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинија опозициската партија за двојни аршини. Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција направи споредба на случајот со Алта банка со оној на Еуростандард банка, обвинувајќи го СДСМ дека ако тогаш, како владејачка партија, реагирал со ист интензитет како денес, граѓаните немало да претрпат огромни штети.