
За претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски е поднесена кривична пријава до обвинителството за злоупотреба на службената положба и овластување.
Кривичната пријава ја поднесе Финансиската полиција. Бислимоски, иако бил должен, не отпочнал постапка за одземање на лиценцата за вршење енергетска дејност – трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – на правното лице „Тритерол петрол“ од Скопје, иако компанијата не ги исполнувала законски пропишаните услови.
Во пријавата се наведува дека наместо да донесе решение за одземање на лиценцата, Бислимоски донел незаконско решение за прекин на постапката, со што лиценцата не била одземена на 15 јануари 2024 година, туку дури на 14 април 2025 година. На тој начин, како што се наведува, му овозможил на правното лице противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност во период од 15 месеци по истекот на законските услови, како и да учествува и склучува договори во постапки за јавни набавки.
Со ваквото постапување, според Финансиската полиција, Бислимоски ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и овозможил компанијата „Тритерол петрол“ да оствари вкупен промет во износ од 194 милиони денари, како и да се стекне со противправна имотна корист во висина од 14 милиони денари.