
Пронајдено телото и на петтата жртва во пожарот во фабриката во грчкиот град Трикала
Бројот на загинати во пожарот во фабриката за производство на бисквити „Виоланда“ во грчкиот град Трикала, се зголеми на пет лица, откако утрово беше пронајдено уште едно тело, на петтата жена, вработена во фабриката, која се водеше за исчезната, јави дописничката на МИА од Атина.
Бројот на загинати во пожарот во фабриката за производство на бисквити „Виоланда“ во грчкиот град Трикала, се зголеми на пет лица, откако утрово беше пронајдено уште едно тело, на петтата жена, вработена во фабриката, која се водеше за исчезната, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот избувна вчера околу 4 часот наутро по силна експлозија во објектот, за време на гаснењето вчера беа извлечени безживотните тела на четири жени, а полесно беа повредени седум лица, додека телото на петтата вработена, беше пронајдено утрово.
Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари на противпожарната служба на Грција продолжува да ги истражува причините за експлозијата и пожарот, а според грчките медиуми, веројатно е дека дошло до истекување на гас преку цевките што водат кон печките.
– Во оваа фаза, сметаме дека е сигурно дека експлозијата и пожарот беа предизвикани од присуство – истекување на гас во просторот, рекол за грчкиот весник „Катимерини“ припадник на противпожарната служба.
Претседателот на Сојузот вработени во противпожарната служба на Грција Костас Цингас за државната телевизија „ЕРТ“ утрово објасни дека „можно е да се создала некаква експлозивна смеса која, покрај пропан, содржела и друг вид течен гас“.
Според грчките медиуми компанијата располагала со два големи резервоари од по девет кубни метри во дворот на фабриката, со мешавина од пропан и бутан, што преку специјални цевки се пренесува до објектите со цел да функционира погонот за производство.
Медиумите пишуваат дека она што предизвикува загриженост кај противпожарната служба е фактот што ниту еден од луѓето што биле во фабриката не почувствувал некаков мирис пред експлозијата.
Пожарот во фабриката избувна по експлозии во подрумот за време на ноќната смена со 13 вработени во погонот за производство и печење бисквити, а експлозиите, биле толку силни што се слушнале и во околните села и во центарот на Трикала што е на околу шест километри од фабриката.
Животот го загубија пет работнички, мајки, кои според медиумите ја одбирале ноќната смена, за во текот на денот да имаат време да се грижат за децата.
Вчерашната ноќна смена била со намален број вработени, со 13 наместо 30 лица, бидејќи во неделата вечерта, фабриката организирала сечење на новогодишната „василопита“, односно питата со паричка, што во овој дел од годината традиционално се одржува во речиси сите фирми, компании, фабрики и сл во Грција.
Од „Виоланда“ утрово соопштија дека преземаат конкретни иницијативи за поддршка на семејствата на загинатите, односно: месечна финансиска поддршка за семејствата, во износ еднаков на платата што ја примале работничките, сè до возраста на која би ги исполниле законските услови за пензионирање; месечна финансиска помош за малолетните деца на погодените семејства, за покривање на трошоците за живот, сè до нивното полнолетство, како и итна исплата на износ еднаков на шест месечни плати, за покривање на итните трошоци на семејствата.
Паралелно, воведува и линија за психолошка поддршка како за погодените семејства, така и за сите вработени во компанијата.
– Во овој момент на длабока тага, неопходно е да се истакне дека нашата компанија строго применува протоколи и процедури, почитувајќи ги сите мерки за безбедност на персоналот и на објектите. Противпожарната служба, како и надлежните органи, продолжуваат со интервенциите во нашите објекти. Искрено им благодариме за нивните натчовечки напори и целосно соработуваме со нив со цел што побрзо да се утврдат причините за несреќата, се наведува во соопштението.
Во градот Трикала прогласена е тридневна жалост, додека пак партиите Нова демократија, ПАСОК и СИРИЗА ги откажаа сите активности планирани во следните три дена.
Почетоците на „Виоланта“ се од мала пекара во населба во Трикала, каде што производството на квалитетни печива и леб се збогатило со слатки, по што се родила и фабриката, а единствената визија била создавање и производство на квалитетни, оригинални, но и традиционални колачиња и бисквити.
Сега, „Виоланда“ има три фабрики, две во близина на Трикала и една кај Лариса, со околу 250 вработени и над 200 производи, кои се продаваат и во Грција во низа земји во странство.