
Зеленски: Енергетската ситуација во Киев е исклучително тешка, околу 1.200 згради се без греење
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека енергетската ситуација во Киев е сè уште исклучително тешка, особено на левиот брег на Дњепар, и дека повеќе од 1.200 станбени згради се без греење.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека енергетската ситуација во Киев е сè уште исклучително тешка, особено на левиот брег на Дњепар, и дека повеќе од 1.200 станбени згради се без греење.
– Одржан е посебен состанок и поднесени се извештаи за состојбата во регионите каде што енергетската ситуација е најтешка. Тоа се, пред сè, Киев и Киевската област, Харков и целата Харковска област, Черниговската област, Сумската област, Дњепарската област и Запорожје, објави Зеленски на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател потврди дека за време на состанокот најмногу внимание и време му било посветено на Киев.
„Екстремно тешки околности во Киев: повеќе од 1.200 станбени згради во градот се уште се без греење“, се вели во објавата на украинскиот претседател.
Тој изјави дека разговарал со локалните власти и членовите на владата за тоа како да се добие помош што е можно поскоро.
– Досега, сите дискутирани рокови не можат да се сметаат за задоволителни, потребно е да се дејствува побрзо, истакна Зеленски и додаде дека има значителен број луѓе на кои итно им е потребна поддршка, особено во Дарница и други области од левата страна на Киев.
Зеленски, исто така, им наложи на украинскиот премиер Денис Шмихаљ и на министерот за финансии Сергеј Марченко да ги анализираат можностите, особено за Киев, итно да се набави сè што е моментално потребно за алтернативно снабдување со електрична енергија и греење. Според претседателот на Украина, Шмихаљ, кој е и министер за енергетика, е во постојана комуникација со партнерите и заедно со локалните власти треба да ја утврдат листата на дополнителна помош за Украина и можноста за нејзино добивање во наредните денови и недели.