
Десетици илјади луѓе учествуваа на бројни собири вчера во знак на протест против методите на Службата за имиграција и царина (ICE), откако еден од нејзините агенти уби 37-годишна жена во Минеаполис.
Илјадници луѓе се собраа во Минеаполис, пркосејќи му на студот од -7 степени Целзиусови, и го скандираа името на жртвата и држеа транспаренти непријателски настроени кон федералната полиција во парк покриен со снег во близина на местото на пукањето.
Дру Ленцмаер, 30, изјави за АФП дека се чувствува како да „се лизга во авторитарна диктатура“.
„Никој не ја спречува администрацијата на Трамп да убива граѓани, да краде и да киднапира луѓе. Време е да се запре тоа“, рече тој.
На Источниот брег, во Бостон, на повеќе од 2.000 километри оддалеченост, Бил Торкасо исто така им се придружи на другите демонстранти.
„Единствениот принцип што нè обединува е еднаквоста пред законот. Тоа е она во што верувам најдлабоко и тоа е она што мислам дека Трамп постојано го прекршува. Тоа е неприфатливо“, рече тој.
Смртта на оваа американска мајка, убиена во среда во нејзиниот автомобил, предизвика силни емоции во нејзиниот град, демократско упориште, но и меѓу Американците загрижени за методите за борба против нелегалната имиграција, која Трамп ја претвори во национален приоритет.