СДСМ: Укинувањето на техничката влада е директен напад на демократијата

Опозициската СДСМ соопшти дека техничката влада мора да остане како единствен механизам за обезбедување чесни и фер избори, обвинувајќи ја актуелната власт за системска злоупотреба на институциите, притисоци врз правосудството и загрозување на демократските процеси во државата.

Опозициската СДСМ соопшти дека техничката влада мора да остане како единствен механизам за обезбедување чесни и фер избори, обвинувајќи ја актуелната власт за системска злоупотреба на институциите, притисоци врз правосудството и загрозување на демократските процеси во државата.

Од партијата наведуваат дека, според нив, планот на премиерот Христијан Мицкоски и, како што ја нарекуваат, тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ, не бил насочен кон дијалог и реформи, туку кон однапред договорени предвремени избори и одржување на, како што тврдат, коруптивен систем.

„Станува збор за смислено сценарио во кое сите институции се заробени во канџите на власта, а државата намерно се држи во изолација за да продолжат криминалните тендери“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Партијата обвинува дека преку законски решенија и резолуции се врши удар врз слободата на говорот на опозицијата, се гуши демократијата и се создава атмосфера на страв. Дополнително, според СДСМ, целосно е компромитиран правосудниот систем, со притисоци врз Судскиот совет, контрола врз обвинителството и законски измени кои, како што наведуваат, служат за заштита на функционери на власт.

СДСМ соопшти дека нема да учествува во, како што го нарекува, „легитимирање на вакво сценарио“, туку ќе продолжи јавно да му се спротивставува.

Во партиското соопштение се наведува и дека власта се противи на техничката влада затоа што присуството на министри од опозицијата би значело увид во, како што тврдат, злоупотребите и коруптивните практики. СДСМ посочува дека нивниот Антикорупциски тим веќе започнал со објавување случаи, најавувајќи дополнителни откритија во наредниот период.

„Техничката влада претставува последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на најважното демократско право – слободната волја на граѓаните во изборниот процес“, соопшти СДСМ, оценувајќи дека секој обид за нејзино укинување во актуелни услови претставува директен напад врз демократијата и слободните избори.