Сопственикот на „Дурмо турс“ се јави на издржување на казната затвор во Идризово

Белули треба да издржи 10 години затвор, казна изречена за тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 патници беа повредени. Несреќата се случи откако се преврте технички неисправен автобус во сопственост на неговата компанија.

По две операции на тестисите и повеќемесечни одложувања поради здравствената состојба, сопственикот на превозната компанија „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, денеска се јави на издржување на затворската казна во КПУ Идризово.

Белули треба да издржи 10 години затвор, казна изречена за тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 патници беа повредени. Несреќата се случи откако се преврте технички неисправен автобус во сопственост на неговата компанија.

Извршувањето на казната беше одложувано во повеќе наврати поради здравствени причини. Последното одложување беше одобрено на почетокот на декември 2025 година, кога Белули достави медицинска документација за потреба од дополнителна хируршка интервенција, по претходната операција извршена во октомври истата година. Одлуката за одложување важеше до средината на декември.

Во меѓувреме, второосомничениот во случајот, Ремзи Мифтари, одговорен за возниот парк на компанијата, не се јави на издржување на затворската казна и е во бегство. По неговото исчезнување е распишана потерница.

И Белули и Мифтари добија правосилни пресуди на 9 мај 2025 година, кога Апелациониот суд Скопје им ги зголеми затворските казни — на Белули од четири на 10 години, а на Мифтари од шест на 10 години затвор.

Судијата што го водеше предметот претходно изјави дека лично извршил проверка во здравствената установа каде што Белули бил лекуван и разговарал со лекарот што ја извршил интервенцијата, при што било потврдено дека операцијата била медицински неопходна.