
Прифатете го напредокот, отфрлете ја цензурата, грчка пратеничка го критикува градоначалникот на Лерин кој забрани македонски песни
Не смее да се дозволи мракот и национализмот да го потисне културното наследство, традицијата и уметничкото изразување на нашата заедница, рече Пети Перка, пратеничка во грчкиот парламент од изборната единица Флорина (Лерин).
Грчката пратеничка Теописти Пети Перка, во својот јавен настап во грчкиот парламент, го критикуваше градоначалникот на Лерин Василеос Гианакис за, како што оцени, постапката на цензура пред одржувањето на традиционалниот локален „Празник на огновите“ во Лерин (Флорина).
Пратеничката од партијата Нова Левица, Пети Перка посочи дека младата музичка група „Ендопика”, која требаше да настапи на плоштадот кај судниците, била спречена да ги изведува своите песни со текст, поради незадоволство на градоначалникот или притисоци од интересни кругови.
– Не смее да се дозволи мракот и национализмот да го потисне културното наследство, традицијата и уметничкото изразување на нашата заедница. Музичката традиција, локалните мотиви и дијалектите се живи елементи на историјата и културната разновидност, тоа не претставува закана – нагласи Перка, која претходно беше пратеничка на Сириза, но во 2003 година ја напушти партијата и учествуваше во основањето на Нова Левица.
Пратеничката Перка го повика градоначалникот и локалните функционери „да се помират со напредокот“ и да ги остават на страна цензурата и екстремистичките влијанија, потенцирајќи дека демократијата и културата ги прифаќаат музиката и јазикот, а не ги потиснуваат.
Градоначалникот на Лерин го прекина настапот на групата „Ендопика“ за време на прославата „Празник на Огновите“, наспроти Божиќ според Грегоријанскиот календар, откако музичарите почнаа да пеат песна на македонски јазик.