
Почина Васил Рингов, едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот и поранешниот југословенски фудбал
Македонскиот фудбал денеска е завиен во црно. По кратко боледување, на 70-годишна возраст почина Васил Рингов, едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот и поранешниот југословенски фудбал.
Денеска во Скопје, на 70-годишна возраст, почина легендата на македонскиот фудбал и долгогодишен фудбалер на ФК Вардар, Васил Рингов.
Рингов важи за една од најмаркантните личности во историјата на македонскиот фудбал. Повеќе од една деценија го носеше дресот на најтрофејниот македонски клуб – Вардар, оставајќи длабока трага со својот стил на игра и професионален однос кон фудбалот.
Покрај Вардар, Рингов настапуваше и за екипите на Партизан, Тетекс, Динамо Загреб и Ајнтрахт Брауншвајг, градејќи респектабилна кариера и надвор од македонскиот фудбалски простор.
Роден е на 17 април 1955 година во Струмица.
Од Македонската фудбалска федерација се огласија со соопштение во кое наведуваат: „Денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство.“
Васил Рингов ќе остане запаметен како тивка, исправена и доследна фигура, човек за кого фудбалот претставуваше одговорност, а не сцена. Неговото наследство останува врежано во историјата на македонскиот фудбал и во сеќавањето на генерации љубители на спортот.