Шасивари и Рокас разговарале за реформите во правосудството и препораките од Извештајот на ЕК

Напредокот во спроведувањето на правосудните реформи и натамошните активности поврзани со европската интеграција биле во фокусот на средбата на министерот за правда Јетон Шасивари со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.

Напредокот во спроведувањето на правосудните реформи и натамошните активности поврзани со европската интеграција биле во фокусот на средбата на министерот за правда Јетон Шасивари со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.

На средбата, како што соопшти Министерството за правда, амбасадорот Рокас му го презентирал на Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен осврт на оценките и препораките што се однесуваат на работата на Министерството за правда.

Било констатирано дека е остварен напредок во спроведувањето на реформите во правосудството, при што биле поздравени и подобрените оценки во најновиот извештај во однос на минатата година.

На состанокот била нагласена и потребата од задржување на реформската динамика и продолжување на институционалните активности за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските од Реформската агенда.

Шасивари изразил благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, посочувајќи дека позитивните оценки претставуваат потврда за досегашната работа, но и дополнителна обврска за продолжување на реформите во насока на зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.

На средбата била потврдена заедничката определба за продолжување на соработката меѓу Министерството за правда и Делегацијата на Европската Унија, со цел постигнатиот напредок да се преточи во конкретни резултати за граѓаните.