„Визуелни елоквенции“ нова поетска книга на Лили Бошевска

„Визуелни елоквенции“ е ново авторско дело на Лили Бошевска, поетска книга во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“.

„Визуелни елоквенции“ е ново авторско дело на Лили Бошевска, поетска книга во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“.

Станува збор за оригинален книжевно-ликовен проект во кој секоја од песните во книгата е во дијалог со дело од ликовната уметност, од истакнати ликовни уметници од Македонија и од светот.

Во книгата, покрај песните со оригинален и веќе препознатлив стил, како инспирации и илустрации избликнуваат и ликовните дела на Сергеј Андреевски, Владо Ѓорески и Никола Пијанманов, сите од Македонија, потоа Валерија Бертесина од Италија, Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, Деница Јанева од Бугарија, Снежана Кезеле од Србија и Лукаш Богдан од Полска. Со тоа, најновото дело на Бошевска се вбројува меѓу оние што во македонскиот културен простор, експлицитно го поттикнуваат дијалогот на поезијата со другите, некнижевни форми на уметнички израз, докажувајќи дека делата од различни уметности можат едно со друго да се дополнуваат, оформувајќи ја големата слика за пораките и светот на творецот.

Според освртот за делото од уредникот и издавач Раде Силјан, -поезијата од оваа поетска книга, покрај мултимедијалноста остварена со дијалогот со ликовната уметност, се одликува и со силни интертекстуални, пред сѐ хипертекстуални врски со филозофијата и со историјата на книжевноста, пред сѐ со митологијата, во потрагата по одговори на суштински прашања за човековото постоење. Значајно е да се напомене дека најголемиот дел од делата од ликовната уметност што се во дијалог со песните на Бошевска се од понов датум, при што во книгата „Визуелни елоквенции“ се гради синтеза меѓу архаичното со интертекстуалната врска во стиховите, колективното, индивидуалното и најсовременото.

Најновата поетска книга на Лили Бошевска, „Визуелни елоквенции“ беше промовирана во галеријата „Ранко Струмениковски” во Битола.