За Љупчо Пецов-Ѓаволот определен куќен притвор со 24-часовен надзор објави
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека во текот на вчерашниот ден пред судија на претходна постапка бил спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кого од претходно била определена мерка притвор од моментот на негово пронаоѓање, односно лишување од слобода, во предметот за јавноста познат како „Синџир“.

Како што информира Судот, имајќи предвид дека обвинетиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и фактот дека неговата одбрана доставила медицинска документација според која истиот има влошена здравствена состојба, надлежниот јавен обвинител, покрај здравствените околности, ценел и дека со негово спроведување во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на обвинетиот.
Поради тоа, на записник пред Судот, јавниот обвинител наместо мерка притвор предложил на обвинетиот да му биде определена мерка куќен притвор, заедно со дополнителна мерка – 24-часовен надзор од Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката.
Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот на Јавното обвинителство и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор со задолжителен 24-часовен надзор. Воедно, на Љ.П. му се одземени и двете патни исправи што ги поседувал.
Против решението на судијата, како што соопшти Основниот кривичен суд Скопје, дозволено е право на жалба до Кривичниот совет.