(ВИДЕО) Василев: Бугарија не прифаќа уставни промени со одложено дејство
➡За бугарската страна, за политиката и за јавноста, прашањето со Северна Македонија е затворено. Затворено е со таканаречениот француски предлог. ➡Нема да има дополнителни услови надвор од оние што се веќе договорени во компромисот. ➡За уставни измени со одложено дејство нема да се согласи Бугарија и поголем дел од земјите членки на ЕУ. ➡Мицкоски има многу тешка задача, но македонското општество мора да разбере дека не се работи за некаков диктат. ➡Друго прашање е како премиерот Мицкоски ќе му го објасни тоа на општеството кај вас. Но, токму по тоа се препознава вистинскиот лидер. Затоа што вистинскиот лидер може да заземе и непопуларна позиција, вели Василев.
„Видете, ние сме најблиски, па мораме да си зборуваме искрено. За бугарската страна, за политиката и за јавноста, прашањето со Северна Македонија е затворено. Затворено е со таканаречениот француски предлог. Тоа прашање е затворено.
-Она што бугарската страна го гледа и смета е дека топката е во полето на политичарите во Северна Македонија“, изјави за магазинот „Трилинг“, Боико Василев бугарски новинар и автор на емисијата „Панорама“, говорејќи за македонско-бугарските односи, зошто не може да дојде до нивно релаксирање и каде е главниот проблем, имајќи предвид дека доколку се прашаат македонските политичари тие ќе речат дека не може да се влезе во суштински дијалог со Бугарија, бидејќи таа е постојано во некаква политичка криза, од друга страна, ако се прашаат бугарските аналитичари тие ќе дадат одговор дека македонската страна е премногу тврда во позициите и непопосутлива.

Околу резервите на македонската страна, дека дури и ако се спроведат уставните измени, тоа нема да биде последната точка која треба да се реши, Василев вели дека во бугарскиот Парламент имало решително гласање кое покажало неколку многу важни работи.
„Прво – нема да има дополнителни услови надвор од оние што се веќе договорени во компромисот. Тоа е прво.
-И второ – Бугарија цврсто стои зад францускиот предлог и зад она што досега е договорено.
-Ако тоа не може да го успокои општеството во Северна Македонија, не знам што може. Видете, повторно велам – ајде искрено да кажеме како стојат работите. Имаме два документи на маса. Едниот е впишувањето на Бугарите во Уставот – единствениот одлучувачки услов за Скопје да може да ги започне преговорите со ЕУ. И имаме договор кој го потпишавме заедно во 2017 година.
-Овие работи се цврсти не затоа што мора да се исполнат под некој притисок, туку затоа што не можеш да бидеш вистинска европска земја ако кажеш: „Добро, првото ќе го исполнам, второто нема“. „Добро, потпишав договор, ама сега нема да го исполнам“. „Добро, потпишав договор, ама тоа беше претходната влада и сега нема да го исполнам.
-Има реална шанса. И јас, како човек што многу ја сака вашата земја и народ, ви велам дека има реална шанса, прозорец на можности. Тој прозорец се создаде откако Христијан Мицкоски убедливо ги доби локалните избори тука во С. Македонија. И сега тој може мирно да го направи тој чекор и С. Македонија да тргне по европскиот пат. Тој чекор е исклучително едноставен и јасен.
-Да влезат Бугарите во Уставот, како што се договоривме. И како што се договоривте не само со нас, туку со целата Европски Унија. Од тука па натаму С. Македонија влегува во нормален преговарачки процес, како што преговараа сите останати земји, вклучително и Бугарија. Во тој процес влегувате во сложени преговори со сите земји-членки на ЕУ“, смета Василев.

За можноста од некакво решение, можеби трет протокол со Бугарија во соработка со меѓународните партери би се дале некакви гаранции дека по уставните промени нема да има нови барања од властите во Софија, Василев со контра прашање – Дали го вклучувате тука и договорот што го потпишавме во 2017 година?
„Затоа што гледам дека таму има проблеми. Видете, тој договор не е многу конкретен, но во него има неколку конкретни работи. И не можеме да се договориме да не го почитуваме договорот што сами сме го потпишале. Тоа е голема работа и понекогаш го забораваме. Некако го оставаме на страна. Затоа што преговарачката рамка што ја договоривме со ЕУ ја вклучува и тој договор.
-Не можеме да кажеме: „Ајде сега да се разбереме да си затвориме едно око и она што го договоривме во договорот да не го почитуваме. Многу важно сепак се две работи тука. И тоа го кажувам со искрена љубов, повторно велам. Меѓу другото, многу малку луѓе ќе најдете во Бугарија кои прво вистински ги разбираат работите во Северна Македонија и второ се заинтересирани за неа. Јас ви велам во моментов, за мое жалење, ниту бугарската јавност ниту бугарската политика се заинтересирани за Северна Македонија.
-Тие го сметаат тоа прашање за решено и затворено и чекаат да видат што ќе одлучи Скопје. Јас пак се интересирам. Се интересирам, бидејќи мене ме боли. Јас сакам Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, бидејќи тоа е огромна шанса. Огромна шанса за вас. Но, две работи се важни.
-Прво, дали тоа го сака политиката во Македонија?
-Второ, дали тоа го сака општеството?
-На овие прашања вие мора сериозно да одговорите. Затоа што ако политиката во Северна Македонија наоѓа различни изговори за да не ги започне преговорите со ЕУ, таа секогаш ќе ги најде.
-Вчера Грција, денес Бугарија, утре може да се покаже Албанија. Можно е да се најдат различни изговори. Бугарија имаше среќа што ги започна преговорите во други времиња, кога во бугарското општество имаше голем консензус за Европската Унија“, вели Василев.
Околу тоа дали има проблеми во последниот договор од 2017, Васил вели, дека за Бугарија нема никаков проблем.
„Тоа вие треба да го кажете. За нас нема проблем. Вие треба да кажете, бидејќи гледам дека има поднесено претставка до вашиот Уставен суд по тоа прашање. Дека некои делови од тој договор не сакате да ги почитувате. Тоа е проблем што е овде, во Р.С. Македонија. Од наша страна нема никакво проблем да се почитува тој договор. Разбирате? Можеби не се изразив добро. Беше поднесена претставка до Уставниот суд.
-Имаше уставна жалба до вашиот Уставен суд, за тоа дека некој дел од договорот можеби и не треба да се почитува, да се одбие, дека не е добар. Официјални лица на РС Македонија зборуваат дека тој договор не е склучен добро. Дека има работи што се на штета на вашата земја. Но тој е склучен. За добро или за лошо, тој договор е склучен. И, како што велат во Европската Унија – pacta sunt servanda. Договорите мора да се почитуваат.
-Сакам да кажам нешто многу важно. Има прозорец на можности, како што реков. Но тој прозорец на можности може да се реши во полза на РС Македонија ако политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, водечките политичари во моментов, се обидат да создадат клима на разбирање и доверба. Клима на разбирање и доверба. Затоа што гледам нешто:
-Муртезани вели дека ќе се создаде таква клима на доверба меѓу двете земји. Од друга страна министерот за внатрешни работи одново вели дека Бугарија е виновна за сè. И дека Бугарија ја блокира РС Македонија, што не е точно. Затоа, мислам дека сите можеме да се обидеме. Јас сум уверен дека ако се создаде таа клима на доверба, ќе исчезнат загриженостите што ги имате. Затоа што јас ги разбирам, ги разбирам и загриженостите што по 70-80 години ги имаат луѓето во општеството во РС Македонија. Бугарија ќе ни стави вето, Бугарија ќе нè блокира. Бугарија прва почна со услови. Не е така. Бугарија и многу луѓе во Бугарија имаат искрен интерес Северна Македонија да успее. Вие да станете голем, успешен, силен член на Европската Унија. Еден прекрасен сосед каков што Бугарија го има.
-Бугарија прва ја призна Република Македонија и Бугарија има интерес од тоа да бидете самостојна, независна и силна“, вели Василев.

Прашан за историската комисија која за жал свесно или несвесно како да беше внесена во преговарачката рамка, а патем околу историски прашања има дијаметрално спротивставени прашања и како овие разлики околу историски нејаснотии би се надминале, Василев смета дека за добро или за лошо, историската комисија е единствениот конкретен елемент од договорот меѓу Бугарија и тогашната Република Македонија од 2017.
„Малку конкретности има во тој договор. Но тоа е една од ретките конкретности. Саботирањето на работата на историската комисија беше една од причините страстите меѓу нас да се разгорат и да се дојде до 2019 и сè што следеше потоа. И ќе кажам дека нашето чувство, барем моето чувство, е дека тогаш другата страна, односно македонската страна, ја блокираше работата на комисијата. Исто така гледаме дека составот на Северна Македонија во таа комисија беше речиси радикално сменета, додека од бугарска страна се истите научници. Според мене историската комисија не може да биде пречка за политичките прашања.
-Како таа ќе работи? Според мене – бавно, сигурно, со некаков дијалог. Тоа историчарите можат да го направат. Но не можеме ние да дозволиме, како што се случи во 2019 од македонска страна, историската комисија да стане заложник на актуелната политика. Се сеќавате, тогаш се приближуваа избори и седниците се замрзнаа.
-Каква врска има работата на историчарите со политиката, со изборите?“, вели Василев.
Прашан дали е реално сценариото за уставни измени со одложено дејство, Василев кратко вели – не бидејќи со тоа нема да се согласи Бугарија и поголем дел од земјите членки на ЕУ.
„Мислам дека затоа што е договорено поинаку. Договорени се уставните промени и откако ќе се случат, започнуваат преговорите за членство. Тоа е предуслов. И со тоа нема да се согласи не само Бугарија, туку и поголемиот дел од членките на ЕУ, бидејќи тие гледаат рамка. Тие гледаат рамка. И таа рамка ја договорија со големи маки. На тоа претседателот Макрон ги вложи сите свои карти. Бугарија направи реални отстапки во тогашната политика. Мислам дека нема никаков проблем да поминат уставните промени.
-Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на изборите, таа има прозорец на можности. Тој прозорец на можности според мене е голем. Тој ја опфаќа првата половина од следната година, кога тие промени можат да се направат и Северна Македонија да ги започне преговорите“, вели Василев.
Прашан за коментар на изјавите на премиерот Мицкоски дека ваков договор под бугарски диктат додека тој е претседател на Владата нема да се спроведат уставните измени, Василев вели дека разбира дека премиерот Мицкоски има многу тешка задача, но македонското општество мора да разбере дека не се работи за некаков диктат.
„Тој ги доби изборите со ветување дека нема да ги впише Бугарите во Уставот. Само што, вашето општество треба да разбере дека тоа не е бугарски диктат, тоа е преговарачка рамка договорена со учество на Република Северна Македонија. Тоа е ветување што Северна Македонија во претходната влада го даде и убаво е тоа ветување е убаво да се исполни.
-Друго прашање е како премиерот Мицкоски ќе му го објасни тоа на општеството кај вас. Но, токму по тоа се препознава вистинскиот лидер. Затоа што вистинскиот лидер може да заземе и непопуларна позиција“, вели Василев.
Целото интервју погледнете го во видеото