Царината спречи обид за шверц на 5.200 штеки цигари

Камионот кој бил пријавен како празен на излез од државата на граничен премин Ново село, е селектиран за детален царински преглед.

Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, успешно откри и спречи обид за шверц на 104 пакети цигари со вкупно 5.200 штеки цигари.

Камионот кој бил пријавен како празен на излез од државата на граничен премин Ново село, е селектиран за детален царински преглед.

Прегледот е извршен од инспектори од Одделението за оперативни работи кои имаат врвни откривачки оперативни капацитети. При деталниот преглед во полуприколката ладилник во предниот дел е откриен специјално конструиран бункер со преграда каде се откриени цигарите.

Преземени се истражни дејствија од инспекторите од Одделението за истраги и поднесена е кривична пријава против возачот, српски државјанин.

„Една од клучните обврски, нотирани и со извештајот на ЕК, на што сме во целост посветени е борбата со царински измами и спречување обиди за шверц на тутун и тутунски производи“, рече директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.

Тој рече дека годинава заклучно со 30 ноември, Царинската управа по основ на увоз на тутун и тутунски производи наплатила 15,3 милијарди денари, што претставува раст од 10% во однос на минатата година.