Јаневска: Нема да се вклучиме во ЕУ сè додека не постигнеме да работиме на ист принцип како и Унијата

Спроведувањето на плановите опфатени со Стратегијата за паметна специјализација ќе донесе раст на економијата и подобар живот во земјата и ќе придонесе за исполнување на стандардите за влез во Европската Унија, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, која во Брисел учествуваше на Конференција посветена на стратегиите за паметна специјализација во процесот на проширување на ЕУ

Спроведувањето на плановите опфатени со Стратегијата за паметна специјализација ќе донесе раст на економијата и подобар живот во земјата и ќе придонесе за исполнување на стандардите за влез во Европската Унија, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, која во Брисел учествуваше на Конференција посветена на стратегиите за паметна специјализација во процесот на проширување на ЕУ

– Имам впечаток дека на сите граѓани не им е јасно што всушност претставува паметната специјализација и колку е тоа важен елемент во нашата земја. Со Стратегијата за паметна специјализација со помош на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ) се одредени најсилните економски делови на земјата кои треба да се развиваат за да ја подобрат економијата. Значи економијата и растот на економијата во Македонија е поврзана со спроведување на паметната специјализација, рече Јаневска, која го најави и формирањето на првата Канцеларија за паметна специјализација во рамките на МОН.

Таа потенцира дека во Стратегијата за паметна специјализација се одредени четири важни елементи, кои се наречени столбови на македонската економија и ги опфаќаат секторот на информациско-комуникациската технологија, паметното земјоделство, електро машинската индустрија или индустрија 4.0 и одржливите материјали и паметни објекти, на кои се надоврзуваат и два хоризонтални потпорни елементи и тоа енергијата на иднината и туризмот.

– Проценето е дека развојот на овие де факто шест области ќе донесат пораст на економијата и подобар живот во Македонија. Оттука имплементацијата на оваа паметна специјализација е од исклучително значење за прогресот на Македонија, а и за постигнување на стандардите за влез во Европската Унија, односно за вклучување на нашата држава во друштвото на ЕУ, истакна министерката за образование и наука.

Јаневска на Конференцијата се обрати на панелот „Процеси на паметна специјализација во Западен Балкан: клучни достигнувања и искуства“, при што информираше за значајниот напредокот што го постигна земјата во последната година и половина во областа на паметна специјализација.

– Процесот на паметна специјализација е откочен. Претходно, околу пет години ништо не се случуваше во овој дел, а сега како држава со помош на Европската Унија и ИПА фондовите сериозно вложуваме во паметната специјализација и почнуваме да ги чувствуваме ефектите, вели Јаневска.

Таа додаде дека заклучокот од она што можела да го слушне од нејзини колеги учесници на Конферецијата од останатите земји од регионот, е дека сите држави од Западниот Балкан сериозно ја сфатиле работата и се обидуваат да ги исполнат условите што ги бара ЕУ за реализација на паметната специјализација.

– Не можам да кажам дека сме први, но не сме ни последни, туку сме некаде во средината со реализацијата на првиот Акциски план и со почетокот на вториот. Македонија во последнава година и половина има многу вложено и тоа не само Министерството за образование и наука, туку и министерствата за дигитална трансформација и за економија и секако и универзитетите. Паметната специјализација всушност бара обединување на науката, односно универзитетите, индустријата, односно приватниот сектор, државата и цивилното општество, кои сите заеднички треба да комуницираат меѓу себе, да работат на подобрување на продуктивноста и со помош на науката да ја подобрат иновацијата во земјата, вели министерката Јаневска.

Според неа, иновацијата не значи измислување нешто ново или некакви нови патенти, туку подобрување на сите процеси и нивна дигитализација и движење во правец на зелената агенда и дигиталната трансформација, со цел да можеме да се вклучиме во процесите на Европската Унија.

Таа потенцира дека во сите овие процеси на земјава значително и помага Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ), кој всушност претставува научен центар, преку кој Европската Унија ги гради сите останати политики.

– Ние нема да се вклучиме во ЕУ, сè додека не постигнеме да работиме на ист принцип како и Унијата, додаде Јаневска.