
СДСМ денес објави дополнителни информации околу фирмата што добила тендери од речиси 9 милиони евра за само шест месеци иако има само двајца вработени. Кој е вториот вработен?
Според нив, извесен Глигор Поцев бил сведок во случајот „Тагрет Тврдина“ на СЈО за уништувањето на опремата за масовно прислушување како вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков, а последниот договор со Владата и оваа фирма е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа.
„Како тоа лица кои биле дел од разузнавачки структури, кои директно или индиректно се поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување сега се пак во игра за милионски тендери за софтвери? И како тоа баш сега, Владата на Мицкоски избрала човек од тоа време, од тие структури, сведок за уништувањето на опремата?
Скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма од две лица основана од пред само една година, јасно покажува дека кај Христијан Мицкоски владее истата криминална школа на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Методите се исти, милионски тендери се платени од пари на граѓаните на фирми со сомнителна или релативно непостоечка историја.
Целта е иста, богатење на партијата и поединци од врхушката на власта. Дури и луѓето се од истиот груевистички период. Ништо од ова не е случајно, ова е криминален систем за крадење пари од граѓаните и контрола за кој мора да има истрага и одговорност. Крадењето мора да запре. Институциите мора да делуваат и да преземат мерки согласно законот. Предупредуваме да знаат сите дека овие дела не застаруваат“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија декА СДСМ стигна до тоа дереџе да држи пресови кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува за наводен скандал.
„За да не биде скандал, СДС да појасни дали тој човек не треба да работи во таа фирма или не треба да работи никаде? Вчера тврдеа дека прво вработениот во споменатата фирма бил роднина на Димче Арсовски и откако спинот им заврши на буниште смислија нов спин, за да се себе оправдаат. Ова е резултат на очајот и паниката, но пред сè безидејноста во редовите на СДС.
За потсетување во продолжение ги потсетуваме на безбројните афери чиј носител е СДС и нивниот лидер Венко, како „Шпанско село 2“ каде Филипче се стекна со огромен имот на Водно, сомнителните тендери во РЕК Битола и ЕСМ за набавка на јаглен од која фирма, исто така Филипче профитирал и тоа на поклон добил луксузен џип аудито Q8.
Да не ги заборавиме крвавите тендери, планираната набавка на вакцини во корона периодот за цени три пати повисоки од пазарните и тоа од фирми за овошје, ни криминалната приватизацијата на стерилизација во јавните здравствени институции, како ни модуларната болница во Тетово во која живи изгореа 14 луѓе за две минути, и тоа за профит од 20%, сето ова во време на министерувањето на Венко Филипче.
Исто така не треба да се заборават ниту криминалите на Драги Рашковски кој, како генерален секретар на влада си спроведуваше тендерски постапки за набавка на софтвери за кои никој ниту знаел, ниту ги користел.
Потсетуваме и на државното земјиште кое сопругата на Ковачевски го доби од неговата влада за изградба на фотоволтаици, како и на фирмите, исто така за фотоволтаици, на браќата на Заев и Филипче во Дојран за која добиле дозволи во рекордно брзо време.
Долга е листа листата на скандали, афери и наместени тендери во страна на СДС, затоа до исчекување на следниот спин, на СДС им порачуваме да си ги погледнат своите редови и редно е да ги исчистат од нивните докажани криминални структури, кои сакаат да ги продадат како нови лица, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.