
Владејачката СНС победи во трите општини во Србија каде вчера се одржаа локални избори
Српскиот претседател Александар Вучиќ им се заблагодари преку видео порака на Инстаграм на граѓаните за нивната поддршка на локалните избори одржани вчера во Мионица, Неготин и Сечањ, каде што победија листите собрани околу СНС.
Српскиот претседател Александар Вучиќ им се заблагодари преку видео порака на Инстаграм на граѓаните за нивната поддршка на локалните избори одржани вчера во Мионица, Неготин и Сечањ, каде што победија листите собрани околу СНС.
„Им се заблагодарувам на луѓето за нивната голема поддршка, и од утре почнуваме да ги исполнуваме ветувањата што ги дадовме“, рече Вучиќ.
Вучиќ синоќа изјави дека СНС постигнала убедлива победа на локалните избори во Неготин, Мионица и Сечањ и истакна дека народот разбрал кој се бори за интересите на Србија.
Граѓаните на Мионица, Неготин и Сечањ вчера гласаа за советници на локалните парламенти, а денот на изборите беше обележан со низа инциденти, нерегуларности пријавени од набљудувачите на „Црта“ и „Крени-промени“, како и тепачка меѓу членови на СНС и граѓани во Мионица.
Општинската изборна комисија во Мионица денеска ги објави прелиминарните резултати од изборите каде изборната листа „Александар Вучиќ – Најдобро за Мионица“ освои 52,09 проценти од гласовите, односно 22 советнички мандати. Изборната листа „Обединети за Мионица“ освои 38,93 проценти од гласовите, или 16 мандати, а Социјалдемократската партија Марко Земан освои 3,68 проценти од гласовите, односно еден мандат.
Во врска со резултатите, студентската листа „Обединети за Мионица“ и опозициската листа „Обединети за Неготин“ објавија дека се задоволни од резултатите и покрај тешките услови во кои се одржаа изборите.
Редовни локални избори се одржаа во Мионица и Неготин, а вонредни локални избори во Сечањ.
Во Неготин, листата „Обединети за Неготин“ објави дека, врз основа на 80 проценти од обработените резултати, освоила 27 проценти од гласовите, додека СНС добила околу 69 проценти.
Во Сечањ, листата „Гласот на младите што го менуваат Сечањ“ објави дека освоила околу 36 проценти од гласовите, додека СНС имала околу 55 проценти, а СПС околу 5,5 проценти, според податоците од набљудувачите.