Николоски: Не можеме да бидеме неми на состојбите во правосудството

-Бараат пари за поголеми плати и буџети, а не работат, не можат сами да се реформираат и не испорачуваат резултати, истакна Николоски во гостувањето во „Само интервју” на ТВ Канал 5, зборувајќи за состојбите во македонското судство и обвинителство.

Не можеме да бидеме неми на состојбите во правосудството, граѓаните бараат правда и резултати, вели заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

-Бараат пари за поголеми плати и буџети, а не работат, не можат сами да се реформираат и не испорачуваат резултати, истакна Николоски во гостувањето во „Само интервју” на ТВ Канал 5, зборувајќи за состојбите во македонското судство и обвинителство.

Коментирајќи ги забелешките за работата на судските органи, тој вели дека видни се притисоците од меѓународниот фактор, иако судството не покажува никакви резултати.

-Излезете надвор од Скопје и најубавите куќи се на цариник, судија и обвинител и ако не го знаете вистинскиот адвокат и немате да платите, не дај Боже и прав да сте, крив излегувате. Законите се добри, проблем е што или не работат или ги ставаат работите под тепих, или нешто ако сработат, најчесто им е да удрат некој бизнисмен. За жал на тоа се сведе Судството и Обвинителството во Македонија, рече Николоски.

Во однос на барањето за повисоки плати во правосудниот систем, Николоски посочи дека платите на судиите и обвинителите и сега се високи и дека проблем не се примањата, туку тоа што судиите и обвинителите не испорачуваат.

-Еве теоретски ќе ги зголемиме и платите, ќе се сменат работите? Исто ќе е! Мали им се сега платите? Повисоки плати имаат и од министри и од премиер, и од претседател на држава. Се сеќавате дека Уставниот суд ја укина одлуката за замрзнување на платите, кога наеднаш скокнаа платите за 78%, и ние донесовме принципиелен став дека од ова нивно повеќе платите нема да растат и ги намаливме коефициентите, но еве тоа за судиите и обвинителите не требало да важи. Проблемот во државава не се платите на судиите и обвинителите, проблемот е дека не испорачуваат, истакна вицепремиерот Николоски.

Тој потенцираше дека целта на Владата е судството и Обвинителството да бидат независни, но се додека довербата во правосудниот систем е олку ниско ниво и се додека тоа е проблем кој го посочува секој еден граѓанин, Владата нема да остане нема на состојбите.