
Сакаме да бидеме најдобри во одделението: Мицкоски објаснува што ќе се донесе, а што не од Реформската агенда
Пазарот на електрична енергија за домаќинствата нема да се либерализира иако тоа е дел од Планот за раст, односно Реформската агенда, како една од 12-те преземени обврски од страна на Владата до крајот на оваа година. Ова денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција во Владата посветена на мерките за самовработување.
Пазарот на електрична енергија за домаќинствата нема да се либерализира иако тоа е дел од Планот за раст, односно Реформската агенда, како една од 12-те преземени обврски од страна на Владата до крајот на оваа година. Ова денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција во Владата посветена на мерките за самовработување.
Мицкоски исто така рече дека поради потребата за носење на подзаконските акти нема да се фати рокот за Законот за енергетика, кој е донесен и усогласен со Европската енергетска заедница. Во однос на другите чекори, како за законите за правосудството, изборниот законик и тн, тој е уверен дека ќе се „фатат“ роковите.
„Имаме јасен план, јасен фокус. Нашата стратегија е да бидеме најдобри во одделението. Тоа ќе го направиме и ако тоа некој не го цени, ако мисли дека треба билатералните прашања да бидат пречка за нашето членство во Европската унија, простете, ние тука не можеме ништо да сториме“, рече Мицкоски.
Премиерот деновиве во Тирана на конференција посветена на интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, рече дека девет или десет чекори од Планот на раст ќе се завршат годинава. Тој денеска објасни кои се тие чекори.
„Во Планот за раст, односно Реформската агенда има носење на Законот за енергетика и негово имплементирање. Тоа е еден чекор од тие 12. Законот е донесе и усогласен со Канцеларијата на ЕК и донесен е во парламентот, но не е ставен како направен чекор затоа што не се донесени подзаконските акти“, рече Мицкоски.
Тој објасни дека подзаконските акти, според Европската енергетска заедница, за одредена група е даден грејс период од девет месеци, а за друга група 18 месеци.
„Невозможно е, ако сето ова требало да профункционира во јули 2025 година, бидејќи девет месеци за една група и 18 месеци, се веќе крајот на 2026 година. Имаме две опции, или да го тргнеме овој чекор и да го поставиме декември 2026 година, или да го прифатиме делот на носење на Законот за енергетика таков како што е усогласен со Европската комисија.Тоа е фер“, рече Мицкоски.
Еден од чекорите кој што нема да се направи е либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата кои што се на регулираниот пазар. Мицкоски објасни зошто тоа нема да се направи.
„Тоа нема да го направиме од проста причина што ако го направиме, тогаш домаќинствата и сите оние кои што се на регулираниот пазар минимум ќе имаат 30 до 35 отсто поскапи сметки за електрична енергија и тоа свесно нема да го направиме“, рече Мицкоски.
Трет чекор, како што посочи, е усогласување на Изборниот законик со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР.
„Ние тоа ќе го направиме и не гледам причина зошто во рамките на парламентот пратениците тоа да не го поддржат имајќи предвид дека тоа е реформски закон, поддржан од самата Европска комисија и очекувам тука да нема некаков инженеринг во рамките на парламентот тоа да биде донесено“, рече Мицкоски.
Слично се однесува и на законите од областа на правосудството, односно законите јавно обвинителска и судска служба и тн.
„Ние сме подготвени сѐ да прифатиме што тие бараат. Главното нивно барање се однесува на вработувања и унапредувања, да не зависи од мислење на Владата. Во ред, нема проблем, нема да зависи, туку тие планот да го изготват и да им го одобри Судскиот совет или Советот на јавни обвинители. А, Владата само да ја информираат. Во ред, нема проблем, тоа ќе го прифатиме. Во делот на буџет ние ќе поставиме долна граница, односно минимална вредност во буџетот на обвинителството и во буџетот на судовите кои што секако ќе биде повисок од средниот или од медијана буџетот што го имаат земјите членки што ги покрива Советот на Европа. И тоа ќе го направиме“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека чекор е и новиот Закон за судски совет, кој помина на владина седница и кој моментално се усогласува и се чека мислење од канцеларијата на Европската комисија. Мицкоски очекува дека до крајот на декември ќе биде и тој поминат во рамките на Собранието.
Една од обврските се и новите вработувања во Агенцијата за одземен имот.
„Таму има одредена систематизација која што е направена пред години, треба да се направи нова систематизација и визави таа нова систематизација да се обезбедат согласности од страна на министерството и буџет за тие нови вработувања. И тоа ќе го направиме до крајот на оваа година“, рече Мицкоски.
Понатаму, како што додаде чекор е планот со кој што ќе се реновираат и ќе се направат енергетски ефикасни три проценти од јавните згради.
„Моето прашање до Европската комисија беше три проценти од вкупниот број згради или три проценти од квадратурата. Ако имаме 100 такви објекти, три проценти се три згради, но ако имаме милион квадрати кои што се содржани во јавните згради, тогаш три проценти е нешто повеќе. Ние на владина седница изгласавме информација од Министерството за енергетика, која е изготвена со експерт ангажиран од Европската комисија со кои што се утврдија приоритетите, го задолживме министерството за финансии да обезбеди средства, МФ се обрати до Француската развојна агенција или ќе се обрати, и со тоа ние овој чекор го завршивме, само треба да знаме дали три проценти од вкупниот број објекти или три проценти од квадратурата. Па така планот ќе го усогласиме во следните три години и со тоа и тој чекор е завршен“, реќе Мицкоски.
Една од обврските е и либерализација на железничкиот сообраќај. Мицкоски рече дека потпретседателот на владата и министер за транспорт, Александар Николоски, веќе работи на таа проблематика со канцеларијата на Европската комисија, така што очекува и тој чекор да биде завршен до крајот на годината.
Слично е и со Законот за аудио и визуелни услуги, кој е готов, но се чека заедно со членовите кои што значат усогласување со „роум анд хоум“, која што е иницијатива од страна на Европската комисија, да се „спакуваат“ заедно и да се достават до парламентот.
„Тоа нема да се случи оваа година, затоа министерот за дигитална трансформација доби насока, ваков каков што е, а е усогласен со Канцеларијата на Европската комисија, да го достави најпрвин на Влада, а потоа до парламент, така што очекувам и овој до крајот на годината да помине“, рече Мицкоски.
Едно од барањата е и регистер на акционерски друштва и правни субјекти во кои што државата има некаков удел без разлика дали е мнозински сопственик или малцински.
„Ние немаме таков закон. Ангажиравме експерти од Правниот факултет, законот е изработен, даден е на увид во Министерството за европски прашања и во Министерството за економија и труд, така што очекуваме од таму повратна информација, да го поминеме на владина седница и ќе го доставиме до Европската комисија,. Очекувам и овој чекор да биде завршен до крај“, рече Мицкоски.
Извор: Независен