
Адвокатот Владимир Туфегџиќ денеска изјави дека Јавното обвинителство, во последниот ден од жалбениот рок, поднело жалба со која бара укинување на ослободителната пресуда за неговиот клиент Александар Ѓорчевски.
Туфегџиќ најави дека ќе поднесе одговор на жалбата и ќе побара јавна седница пред Жалбениот совет на Апелациониот суд, очекувајќи дека второстепениот суд ќе ја потврди ослободителната одлука.
„Ќе барам јавна седница на жалбениот совет и очекувам судот да ја потврди ослободителната пресуда токму врз основа на наводите на застапникот на обвинението во завршниот збор, во кој кажа — цитирам — ‘ако не прашате дали имаме докази против Александар, НЕМАМЕ’“, рече адвокатот Туфегџиќ, објави „Скопје 1“.
Александар Ѓорчевски беше обвинет, а потоа и ослободен од вина во случајот за убиството на неговата ќерка Вања Ѓорчевска.
Обвинението го товареше дека комуницирал со Љупчо Палевски и наводно му давал информации, но судот оцени дека нема докази кои ја поткрепуваат таа теза.