Гаши ја уверувал кинеската амбасадорка дека Македонија го поддржува концептот „Една Кина“

Кина остро реагира на Бизнис форумот организиран со Тајван и на средбата на потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски со уште двајца пратеници со делегација на Тајпеј.

Откако вчера во Скопје се одржа Бизнис форум со учество на дипломати на Тајван од Италија и во јавноста се постави прашањето дали Македонија ги отвора пак вратите за Тајпеј денеска претседателот на Собранието Африм Гаши ја прими кинеската амбасадорка Џијанг Сиаојан и ја уверуваше дека не постои промена во политиката на македонската држава.

Според соопштението од средбата Гаши бил дециден дека „релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот ‘Една Кина’.

Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа. Во Собранието традиционално се формира пратеничка група за соработка со Кина, која претставува линк меѓу парламентите на двете држави. Соработката се одвива на сите полиња, како економија, инфраструктура, бизнис, образование, култура, спорт, а во насока на продлабочување на истата во корист на граѓаните, се и заложбите и иницијативите на амбасадорката Сиаојан“.

На настанот организиран од Бизнис конфедерацијата требаше да се пренесат искуствата на Тајвана околу „паметните градови“, како една од водечките земји во развој на високата технологија. Сенката од „тајванската милијарда“ не можеше да се тргне од овој настан, но уверувањата беа дека целта е соработката да се фокусира на бизнис соработката.

Пред некој ден во Виена вицепремиерот Александар Николоски изјави дека Кина понудила кредит на нашата држава, но владата го одбила. На настанот на кој се обрати амбасадорот на Тајван во Рим, Винсент Цаи, беше кажано дека со него се отвора вратата за идна соработка на Македонија со Тајпеј, дека ова е прв ваков состанок по многу години и дека ова е „само почеток“ на тоа што ќе следи.

Повод за овие разговори на Гаши и кинеската амбасадорка беше и средбата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, со делегацијата на Тајван во парламентот. Заедно Милошоски беа уште двајца пратеници – Фатмир Бетиќи (СДСМ) и Рашела Мизрахи (ВМРО-ДПМНЕ). Тие се сретнаа со дипломатскиот претставник на Тајван во Рим, Винсент Цаи.

Тоа предизвика остра реакција на кинеската амбасада, која му упати отворено писмо на Милошоски. Во него, меѓу другото, се вели:

„Забележавме дека потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, заедно со двајца пратеници вчера се состана со делегација на таканареченото ‘Претставништво на Тајпеј во Италија’ во зградата на Собранието. Овој тежок погрешен чин го крши принципот ‘Една Кина’, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина и став што го потврдија претседателката Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата на Северна Македонија, Мицкоски, со што ја поткопува политичката основа на нашите билатерални односи. Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија го изразува своето силно незадоволство и категорично противење. Тајван е дел од Кина. Тоа е историја и реалност“.

Оттаму му се обраќаат директно на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ:

„Господинот потпретседател често се фали дека е избран претставник, тврдејќи дека ја претставува волјата на македонскиот народ. Тогаш Ве молам внимателно слушајте го гласот на народот. Дали грубото кршење на политичките ветувања и договорните обврски е во корист во заштита на меѓународниот имиџ на Северна Македонија? Дали последиците од отвореното поткопување на основните интереси, територијалниот интегритет и националното достоинство на голема сила – додека се повредуваат чувствата на над 1,4 милијарди на пријателски кинески народ – се темелно проценети? Дали напуштањето на огромен пазар, идните можности за развој и ветувачките перспективи за соработка - овој кратковид чин на ‘штеди на ситно, губи на крупно’ – е навистина во согласност со фундаменталните и долгорочни интереси на македонскиот народ?“, се наведува во писмото.