(ВИДЕО) Мемов: Стабилизацијата на ПИОМ бара економски раст и отворање нови работни места
➡Зголемување на пензиите ќе има согласно законот што беше донесен оваа година. Во март месец 2026 година предвидено е зголемување на пензиите од 1 000 денари и исто така законското усогласување коешто треба да се направи во септември 2026 коешто исто така е предвидено помеѓу 3 и 5%“. ➡Мерката за линеарно зголемување или усогласување на пензиите владата ја донесе на барање на пензионерите. Вкупниот буџет за усогласување на пензиите практично е ист. Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично проекцијата на буџетот за 2025 за усогласувањето беше проектирана на 4%. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите - во висина од 1 000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува заради ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите. ➡Усогласување на пензиите е на ниво помеѓу 4 и 5%. Ова значи дека во Македонија ние имаме социјално-солидарен систем. ➡Исплатата на пензиите ја гарантира владата. За 2026 година предвиден е буџет во ФПИОМ од 152 или 153 милијарди денари. Тоа е скоро половина од вкупните приходи што ги има државата во буџетот за 2026 година. ➡Финансиската кондиција на на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во одлична состојба. ➡Учинокот на ЗНАМ, на ВЛЕН и на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори значеше убедлива победа на владините партнери на овие избори. ➡Во јавноста непотребно се пласира перцепцијата дека има некаков интерен конфликт меѓу ЗНАМ и ВЛЕН и дека на ЗНАМ се препишува некаков предзнак на албанофобство, вели Мемов.
„Кога станува збор за пензискиот систем во Република Македонија, многу е битно да бидеме прецизни. Мора да се прецизира на што се однесуваат трансферите што се прават од државата кон Пензискиот фонд. Вкупно за 2025 година планирани се исплати на трансфери од 53 милијарди денари или преведено во евра тоа се отприлика околу 862 милиони евра и тие транзициони трошоци, односно трансфери од владата кон ПИОМ, не се однесуваат само кон исплата на пензиите, туку се и однесуваат и на исплата за здравственото осигурување на пензионерите и за транзициони трошоци кон вториот столб. Така што буџетскиот дефицит во ПИОМ, односно во државата се однесува на овие три основни компоненти.
-Зголемување на пензиите ќе има согласно законот што беше донесен оваа година. Во март месец 2026 година предвидено е зголемување на пензиите од 1 000 денари и исто така законското усогласување коешто треба да се направи во септември 2026 коешто исто така е предвидено помеѓу 3 и 5%“, изјави за магазинот „Трилинг“, директорот на ПИОМ, Никола Мемов, прашан дали ќе има зголемување на пензиите – од кога и за колку.

„Мерката за линеарно зголемување или усогласување на пензиите владата ја донесе на барање на пензионерите. Вкупниот буџет за усогласување на пензиите практично е ист. Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично проекцијата на буџетот за 2025 за усогласувањето беше проектирана на 4%. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите – во висина од 1 000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува заради ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите“, вели Мемов.
Прашан дали кога вели за ублажување на ценовните шокови, растот на цените, животниот стандард, смета дека е доволно зголемувањето на пензиите од 1 000 или 2 000 денари и дали знае во меѓувреме за колку посто се зголемени цените на производите, директорот на ПИОМ вели дека вкупното зголемување на пензиите е 25%.
„Од друга страна, усогласување на пензиите е на ниво помеѓу 4 и 5%. Ова значи дека во Македонија ние имаме социјално-солидарен систем. Разликите кај пензионерите, ова е мое лично размислување, кој колку уплаќал како придонес по основ на работниот стаж, разликите во уплатите завршуваат со денот на изготвувањето на решението за пензија. Вие сте уплаќале повеќе и имате поголема пензија на денот на пензионирањето, јас сум уплаќал помалку во Фондот и имам помала пензија.
-Ова зголемување на пензиите, односно усогласувањето се однесува на намалување на ценовниот шок, разликите во платите и инфлацијата. Инфлацијата или зголемувањето на цените се исти и за вас и за мене. Така што животниот стандард поскапува за сите пензионери подеднакво. Разликите остануваат во делот на денот на изготвувањето на решението за пензија и овој концепт, можам слободно да кажам, е исправен и праведен, затоа што концептот на пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен“, смета Мемов.

Прашан во каква финансиска кондиција е ПИОМ денеска, бидејќи дел од упатените велат дека ако вака продолжи пензии нема да има, Мемов категоричен дека тоа не е точно.
„Исплатата на пензиите ја гарантира владата. За 2026 година предвиден е буџет во ФПИОМ од 152 или 153 милијарди денари. Тоа е скоро половина од вкупните приходи што ги има државата во буџетот за 2026 година. Кога велам дека владата ја гарантира исплатата на пензијата, влада ја гарантира исплатата на покачените пензии. Наредната година ќе бидат во март месец со вкупна вредност од 7 000 денари секој месец и за исплата на овие пензии владата за следната година определува 63 милијарди денари трансфери, за да може редовно да се исплаќаат и пензиите, да се исплаќа редовно здравственото осигурување на пензионерите и трансферите кон вториот столб.
-Основни параметри, фактори врз коишто се пресметува висината на пензијата, е висината на стажот и просечната нето плата што осигурениците ја земаат во својот работен век. Исто така како фактор може да влијае и висината на придонесите што секој од нас ги има уплаќано во Фондот. Ако сакате да знаете на кој начин може да се стабилизира финансиски ФПИОМ, тука мора да се земат предвид два фактора. Едниот фактор е – државата мора да обезбеди стабилен економски раст и отворање нови работни места, затоа што државата почива на пет основни столбови – политички систем, каде што е целата државна управа, правосуден систем, економски систем, реален бизнис сектор, безбедносен систем каде што влегуваат војска и полиција, здравствениот систем којшто го опфаќа целото население и пензискиот систем кој што опфаќа 2/3 од населението и скоро половина од буџетот што ги уплаќаме ние како осигуреници внатре во буџетот.
-Мора да се гледа големата слика. Големата слика вика – не може да се стабилизира еден од овие столбови без да има влијание еден помеѓу друг. Поврзани се. Стабилизацијата на пензискиот систем значи и стабилизација на здравствениот систем, значи стабилизација на економскиот систем. Не може вие да зголемите придонеси за пензиско осигурување без соработка со бизнис заедницата и со стопанските комори, нагласува Мемов.

Прашан дали ова значи дека во скора иднина не може да се очекува стабилизација на ПИОМ, првиот човек на Фондот вели дека се етаблира отсекот за актуарство со помош и соработка на Светска банка, ќе се направат сите математички модели околу одржливоста на пензискиот систем на долг рок.
„Ова значи дека следната година ПИОМ ќе излезе со сериозна анализа до владата со насоките – во каква ситуација се наоѓа во моментот и кои се перспективите на овој бизнис модел, односно дали е тој одржлив на долг рок.
На директното прашање – во каква состојба во моментов се наоѓа ПИОМ, Мемов вели дека Фондот нема ниту една неплатена фактура кон економските добавувачи, исплатата на пензиите оди тековно.
„Финансиската кондиција на на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во одлична состојба“, вели Мемов.
Говорејќи за правото на пензионерите за дополнителна работа, првиот човек на ПИОМ вели дека се размислува за тоа. Работодавачите се расположени да ангажираат пензионери коишто се од различни профили а се дефицитарен кадар.
„Законот овозможува за професорите и докторите до 67 години да работат, но ова повеќе е насочено кон приватниот сектор и работодавачите се расположени ова да го финансираат. Значи пензионерите да добиваат дополнителна плата. На таа плата да бидат плаќани придонеси коишто ќе дојдат на некоја си заедничка сметка во Фондот за пензиско, без да имаат било какво влијание понатаму на висината на пензијата, бидејќи придонесите се уплаќаат на лична сметка, на лично име“, вели Мемов.
Одговарајќи на прашањето нали ПИОМ е легло за партиски кадри, првиот човек на ПИОМ вели дека од пет советници на директорот коишто се на ниво на државни советници, четворица од нив се декларирани поддржувачи на ДУИ.
„Во изминатиот период, кога дојдов минатата година во септември месец, наследив една ситуација каде што имавме дисбаланс на вработените во филијалите низ Македонија. Како пример – во филијалата Тетово во моментов имаме 55 вработени, што значи стопроцентна пополнетост на работните места по основ на систематизацијата. Слична е ситуацијата во Гостивар, Куманово, Дебар, Струга, а за разлика од нив, во Прилеп, Битола, Струмица, Кавадарци, Штип… имавме по пет до шест вработени. Значи ако земете предвид дека ДУИ 20 години управуваше со ПИОМ, одговорот на вашето прашање е – апсолутно да, вели Мемов.

Говорејќи за ставот искажан по локалните избори дека ВЛЕН не допринеле доволно во поддршката Орце Ѓорѓиевски за на градоначалник на Скопје, Мемов вели дека тоа било негово лично мислење, а не на партијата ЗНАМ.
„Под број еден, ние како партија имаме конзистентни национални политики во државата и во владата. Под број два, имаме исклучителна соработка помеѓу владините партнери. Таа соработка се покажа за време на локалните избори кадешто дадовме взаемна поддршка – секој партнер во соодветна општина кадешто можеше да помогне. Пример за тоа ни е Куманово.
-Учинокот на ЗНАМ, на ВЛЕН и на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори значеше убедлива победа на владините партнери на овие избори. ЗНАМ на овие избори ги постигна зацртаните политички цели што ги имаше пред изборите. Тоа значеше победа во Куманово. Тоа значеше помеѓу 35 000 и 40 000 гласови на локалните избори во Република Македонија. Советнички места во над 45 општини и стабилизација на своето гласачко тело. Од друга страна, учинокот на ЗНАМ на овие избори, посебно во вториот круг на изборите, со нашата поддршка значеше победа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 10 општини, како а како издвоен градоначалник е градоначалникот на Општина Карпош . Така што секој од владините партнери го даде својот учинок во вкупната победа на владините партнери.
-ВМРО-ДПМНЕ ги поддржаа кандидатите на ВЛЕН во Западна Македонија. ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа кандидатите на ЗНАМ во Куманово и во Центар, а ЗНАМ, таму каде што немаше свој кандидат, ги поддржа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите на ВЛЕН. Учинокот е на сите владини партнери подеднакво битен и практично мојата лична изјава беше да се актуелизира ова прашање. Не беше насочена кон никој против. Во јавноста непотребно се пласира перцепцијата дека има некаков интерен конфликт меѓу ЗНАМ и ВЛЕН и дека на ЗНАМ се препишува некаков предзнак на албанофобство. Само ќе ви дадам пример – шефот на Кабинет на директорот на ПИОМ и шефот на кабинет на градоначалникот на Куманово се Албанци. Наведете ми еден шеф на Кабинет на албански политичар во последните 30 години, каде што најдоверливиот човек, десната рака на функционерот бил од македонска провиниенција“, вели Мемов.
Целото интервју со првиот човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, погледнете го во видеото.