Коцевски: Еколошкиот криминал и кај нас веќе е класифициран како сериозен
„Еколошкиот криминал и кај нас веќе е класифициран како сериозен и сложен криминал, кој честопати добива облик на организиран криминал, а штетите од него се огромни и во здравствена и во економска форма”, истакна Коцевски во обраќањето.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати на отворањето на националната тркалезна маса за конвергенција на климатската и еколошката правда, поддржана од Француската агенција за развој.
„Еколошкиот криминал и кај нас веќе е класифициран како сериозен и сложен криминал, кој честопати добива облик на организиран криминал, а штетите од него се огромни и во здравствена и во економска форма”, истакна Коцевски во обраќањето.
Тој додаде дека домашните законски решенија во голема мера се усогласени со современите предизвици за заштита и санкционирање на загрозувањата на животната средина, но во пракса и натаму при примената се јавуваат одредени недостатоци, пред се во фазата на обезбедување докази.
„Недоволните капацитети на инспекциските и на другите истражни органи за откривање на овој вид кривични дела, како и скапите и долготрајните вештачења го обременуваат докажувањето на делата од еколошкиот криминал, особено ако се имаат предвид недоволните ресурси што за таа намена му се доделуваат и на обвинителството”, рече Коцевски, додавајќи дека во исто време недостатокот на материјални и кадровски ресурси е проследен со постојан раст на бројот и сложеноста на предметите од областа на еколошкиот криминал.
„На климатските услови и заштитата на животната средина мора да гледаме како на заедничко добро кое сме обврзани да го штитиме, не само затоа што на тоа не обврзуваат критериумите за членство во ЕУ кои имаме задача да ги исполниме, туку и затоа што од напредокот во оваа област зависи нашиот вкупен економски и социјален напредок. Грижата за животната средина е прашање на интергенерациска правда. Начинот и ефикасноста со која се справуваме со овие облици на криминал, директно влијае на тоа каква земја ќе оставиме за следните генерации”, рече Коцевски, заблагодарувајќи се на поддршката од Република Франција во оваа област.
На состанокот компаративно беа презентирани и разгледани практиките и искуствата за превенција, гонење, санкционирање и рехабилитација во областа на еколошката правда во Франција и во Македонија.
Настанот ги обединува експертите, институциите и професионалците од секторите на правда и животна средина, со цел зајакнување на пристапот до еколошка правда. Во таа смисла, Јавното обвинителство е еден од клучните чинители и дава континуиран активен придонес за подготовка на заеднички Акциски план за еколошка правда.