Шајнбаум ја отфрли можноста за воена интервенција на САД во Мексико

-Тоа нема да се случи, рече Шајнбаум на прес-конференција, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да започне напади во Мексико доколку е потребно за да се спречи шверцувањето на нелегални наркотици во САД, пренесуваат британските медиуми.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум денеска ја отфрли можноста за воена интервенција на САД во оваа латиноамериканска земја, наведувајќи дека Мексико не сака таква интервенција на нејзина територија.

-Тоа нема да се случи, рече Шајнбаум на прес-конференција, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да започне напади во Мексико доколку е потребно за да се спречи шверцувањето на нелегални наркотици во САД, пренесуваат британските медиуми.

„Дали би наредил напади врз Мексико за да се спречи дрогата? Согласен сум со тоа. Што и да треба да направиме за да ја спречиме дрогата. Го гледав Мексико Сити во текот на викендот. Таму има сериозни проблеми“, рече американскиот претседател вчера во Белата куќа.

Кога новинарите го прашаа дали ќе побара дозвола од мексиканската Влада за да започне напад, Трамп рече дека нема да одговори на тоа прашање и додаде дека е во контакт со властите во Мексико Сити.

-Тие знаат каков е мојот став, рече Трамп.

Американскиот претседател навести дека ќе се обрати до Конгресот за да побара овластување за нападите и предвиде дека таквите потези ќе бидат поддржани од пратениците од двете партии.

„Значи, ќе го кажам вака. Не сум задоволен од Мексико“, рече Трамп.