Герасимовски: Очекувам конструктивна соработка со Советот и во новиот мандат

Тој потсети дека уште при примопредавањето на уверенијата до советниците порачал дека изборите се завршени и дека следува период на заедничка работа насочена кон проекти и решавање на потребите на жителите на Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, очекува и во новиот мандат стабилна и конструктивна соработка со сите советнички групи. „Политиката ја тргаме настрана и се насочуваме кон она што е најважно, интересот на граѓаните“, рече Герасимовски во интервју за Racin.mk.

Тој потсети дека уште при примопредавањето на уверенијата до советниците порачал дека изборите се завршени и дека следува период на заедничка работа насочена кон проекти и решавање на потребите на жителите на Центар.

„Граѓаните ни ја дадоа довербата да создадеме подобри услови за нив. Нашата задача е да работиме за нивното секојдневие, а не за партиски интереси,“ истакна Герасимовски.

Градоначалникот очекува седниците на Советот да се водат без политизација, со доминација на аргументи, стручни предлози и професионална поддршка за општинските програми.

„Убеден сум дека со заедничка работа и почит кон интересот на граѓаните ќе постигнеме видливи резултати. Центар може да оди напред само ако сите работиме во ист правец, за општо добро“, додаде тој.