
Најмладиот милионер има четири години, добил дивиденда од банка, најстариот 97 години, пензионер
Највисоката годишна бруто плата од 139,1 милион денари (2,2 милиони евра) лани била исплатена од скопска фирма во дејноста вадење камен јаглен.
Најмладиот милионер во нашата земја има само четири години и минатата година „остварил“ приходи од 3,1 милион денари (или околу 50,4 илјади евра) од дивиденда од една домашна банка. Најстариот милионер во земјава има 97 години и лани остварил приходи од пензија од 1,1 милион денари или околу 17,8 илјади евра.
Ова е дел од информациите кои денес ги објави Управата за јавни приходи на презентацијата на анализата доставените Годишни даночни пријави за минатата година и нивната споредба со претходната, 2024 година. Како што истакна директорката на УЈП, Елена Петрова, највисок бруто доход кој го остварило едно лице во државата, а кој произлегува од повеќе извор (плати, закупнини, дивиденди…) oстварил граѓанин од Гевгелија, кој пријавил вкупни приходи од 257,5 милиони денари односно речиси 4,2 милиони евра. По него е Охриѓанец со 254,3 милиони денари или 4,1 милион евра, а потоа тројца скопјани, со 222,3 милиони денари, односно 196 милиони и 192 милиони денари соодветно. Највисоката годишна бруто плата од 139,1 милион денари (2,2 милиони евра) лани била исплатена од скопска фирма во дејноста вадење камен јаглен.
„Кога ги објавуваме податоците од Годишните даночни пријави, јавноста најчесто го забележува она што е највисоко – кој има најголем доход, која е највисоката плата најголемата дивиденда или најголемата капитална добивка. И тоа секако е интересен дел од статистиката. Но, за нас во Управата за јавни приходи, овие податоци кажуваат многу повеќе. Тие ни даваат даночна слика на економијата – колку доход е остварен, од каде доаѓа, како е распределен и како се менува структурата на доходот“, истакна директорката Петрова.
Таа додаде дека овие податоци се важна основа за следење на даночните политики
„Структурата на доходот, бројот на граѓани што го остваруваат, распределбата по доходовни прагови, вкупните и просечните износи и медијаната ни помагаат да ги разбереме ефектите од даночните правила и олеснувања и да оцениме дали тие ги постигнуваат своите цели, дали создаваат посакувани стимулации и какви ефект имаат врз различните категории граѓани“, рече таа, додавајќи дека вкрстувањето на даночните податоци со други службени и јавни бази и регистри овозможува да се проценат ризиците од даночен јаз, неопфатени даночни обврзници, непријавен или неточно пријавен доход и загуба на јавни приходи.
Што покажа анализата на УЈП за поднесените и обработени даночни пријави за 2025 година во споредба со 2024 година? Еве некои поенти:
Во 2025 година УЈП изготви претпополнети Годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани. Во нив е искажан вкупен бруто доход од околу 612,9 милијарди денари, со пресметан данок на личен доход од околу 39,8 милијарди денари.
Ефективната даночна стапка е околу 6,5% наспроти пропишната од 10%, заради даночните намалувања кај некои видови доход, посочи Петрова.
„Треба да се нагласи дека во бројката на граѓани кои оствариле оданочив доход во 2025 не се вклучени уште 185.000 граѓани – пензионери, кои остваруваат доход само од домашна пензија, за кои УЈП не изготвува ГДП. Нивната бруто пензија е 113 милијарди денари“, рече таа.
Најголемата група ја сочинуваат 637.557 граѓани, односно две третини од сите даночни обврзници, со бруто доход во прагот од 100 илјади до еден милион денари. Оваа група остварува 55%, односно нешто повеќе од половина од вкупниот бруто доход.
Следниот праг – од еден до десет милиони денари – опфаќа 16% од обврзниците, но во него се создаваат 39% од вкупниот доход.
„Овие податоци се интересни затоа што покажуваат дека бројот на луѓе и учеството во вкупниот доход не се движат секогаш во ист сооднос“, рече Петрова.
Во споредба со 2024, минатата година оданочив доход оствариле 82.702 граѓани повеќе, што според Петрова е значаен показател за растот на даночната усогласеност и проширување на даночната база. Оставарениот бруто доход и пресметаниот данок е повисок за околу 14 отсто.
Петрова посочи дека во споредба со 2024, лани имало зголемување на бројот на граѓани и остварениот доход во средните праговите од 100 илјади до еден милион денари, од еден до десет милиони денари и од десет до 100 милиони денари, а намалување на бројот на граѓани во пониските прагови до десет илјади денари и од десет до 100 илјади денари, но и во најгорниот праг – над 100 милиони денари.

„Така, на врвот со годишен доход над 100 милиони денари во 2025 имаме 31 граѓанин со вкупен годишен доход од 4 милијарди и 973 милиони денари, наспроти 42 граѓани и вкупен доход од 6 милијарди и 753 милиони денари во 2024. Тие се многу мал дел од вкупниот број обврзници, но во даночната статистика се гледа и нивното значајно учество во вкупниот доход.
Регионалната распределба на остварените доходи покажа дека најголем број годишни даночни пријави се од подрачјето на Регионалната дирекција Скопје – повеќе од 308 илјади (36%). Следуваат Штип (16%), Прилеп (14%), Битола (13%), Тетово (11%) и Струмица (9%).
Во сите региони има пораст на бројот на граѓани со оданочив доход и на износот на доходот во однос на 2024-та.
„Кога ги гледаме податоците по региони, не гледаме само каде има најмногу даночни пријави. Гледаме каде се создава доходот и како изгледа економската активност низ државата. Распореденоста на бруто остварениот доход по региони е следнава: Скопје 43%, Штип 14%, Прилеп 12%, Битола 13%, Тетово 10% и Струмица 8%. Значи, Скопје, со 36% учество во вкупниот број пријави, воедно учествува со 43% во остварениот бруто доход, наспроти другите региони во кои учеството во бројот на граѓани со остварен оданочив доход е поголемо од учеството во остварениот бруто доход на национално ниво, освен Битола со 13% учество и во во вкупниот број пријави и во остварениот бруто доход“, рече Петрова.
Таа додаде дека зад 863 илјади граѓани има многу различни економски приказни.
„Зад секој даночен податок стои човек и различен начин на кој тој човек го создава својот доход, стои работа, бизнис, имот, инвестиција или одлука. Најголем број граѓани, 596 илјади, оствариле доход од плата. 44% од нов имаат само плата, или плата и регрес, а останатите имаат и некој друг вид доход покрај платата. Највисоката годишна бруто плата од 139,1 милион денари е исплатена од скопска фирма во дејноста вадење камен јаглен. Другите топ-10 плати се исплатени: една од битолска фирма, две од тетовски фирми и останатите од скопски фирми. Компаниите кои ги исплатиле највисоките плати се од дејностите: вадење камен јаглен; трговија на големо со храна, пијалаци и тутун; трговија на големо со производи од тутун; трговија на големо со фармацевтски производи; болници; помошни услужни дејности и тровија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутун“, рече Петрова.
Таа посочи дека во некои од овие дејности се и компаниите кои ги исплатиле најголемите износи на доходот од категоријата „други лични примања од извршена работа”, но овде се појавуваат и исплатувачи од дејностите: изградба на станбени и нестанбени згради и останати стручни, научни и технички дејности. Други лични примања од извршена работа се исплатени на 561 илјада граѓани. Највисокиот доход во оваа категорија е исплатен од скопска компанија, во износ од 119,5 милиони денари.

Кај дивидендите анализите покажуваат дека ваков вид на приходи оствариле 33 илјади граѓани. Најголем број, над 80 отсто, се вработени или пензионери.
„Сепак, постои разлика меѓу вработените, со околу 80 илјади денари просечна дивиденда, и пензионерите со околу 13 илјади денари просечна дивиденда. Интересен е и фактот дека за 7,5 илјади граѓани дивидендата е главен извор над доход со доминатнтно учество во нивниот доход од сите извори. Од нив, за 3,5 илјади граѓани дивидендата е единствен доход во 2025 година“, рече Петрова.
Ако највисоката годишна бруто плата е 139,1 милион денари, трите највисоки дивиденди ја надминуваат највисоката плата. Исплатени се од: компанија од Гевгелија – износ 252,6 милиони денари, компанија од Охрид – износ 247,2 милиони денари и од компанија од Арачиново – износ од 144 милиони денари.
Останатите топ- 10 дивиденди се исплатени од една компанија од Струмица, една компанија од Струга и пет скопски компании.
За разлика од дивидендите, капиталните добивки се ретки, нив ги пријавиле само 2.118 граѓани и таа произлегува од продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот.